1И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе.
2Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста, променета за својот маж.
3И чув висок глас од небото како зборува: »Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивни Бог.
4И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.«
5И Седнатиот на престолот рече: »Ете, сѐ ново создавам.« И ми рече: »Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.«
6Потоа ми рече: »Се сврши! Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум.
7Кој победува, ќе наследи сѐ, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син.
8А на плашливците и неверните, на поганите и убијците, на блудниците и магесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.«
9Тогаш дојде при мене еден од седумте ангели, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни зла, ми прозборува и рече: »Дојди, ќе ти ја покажам невестата – жената на Агнецот.«
10Па ме одведе духом во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога,
11и имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најдрагоцен камен, како светол камен јаспис;
12тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ангели и напишани имињата на дванаесетте колена на синовите Израилеви:
13спроти исток три порти, спроти север три порти, спроти југ – три порти, спроти запад – три порти.
14Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Агнецот.
15А оној што зборуваше со мене, имаше трска златна за да го измери градот и портите негови и ѕидовите негови.
16Градот беше четириаголен, а должината му е колку што и широчината. Тој го измери градот со трската и најде дека изнесува дванаесет илјади стадии; должината, широчината и височината негова – еднакви.
17Потоа ги измери ѕидовите негови, што беа сто и четириесет и четири лакти, со мерка човечка, која што е и ангелска.
18Ѕидовите му беа изградени од јаспис, а градот – од чисто злато, како чисто стакло.
19Темелите на градските ѕидови беа украсени со секаков вид драгоцени камења: првиот темел – јаспис, вториот – сафир, третиот – халкидон, четвртиот – смарагд,
20петтиот – сардоникс, шестиот – сард, седмиот – хрисолит, осмиот – вирил, деветтиот – топаз, – десеттиот – хрисопрас, единаесеттиот – хијацинт, дванаесеттиот – аметист.
21А дванаесетте порти беа дванаесет бисери: секоја порта беше од еден бисер; улиците на градот беа од чисто злато како провидно стакло.
22Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Агнецот се неговиот храм.
23И градот немаше потреба ни од сонце, ни од месечина за да светат во него, зашто Божјата слава го осветлила, а светлината му е Агнецот.
24И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест.
25А портите негови нема да се заклучуваат дење, оти таму нема да има ноќ.
26И ќе ја принесат во него славата и честа на народите;
27и нема во него да влезе ништо нечисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние, кои што се запишани во книгата на животот на Агнецот.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.