1Слушајте Ме, острови, и внимавајте, народи далечни: Господ Ме повика уште од утробата, од мајчината Ми утроба го нарече името Мое;
2ја направи устата Моја како остар меч: под сенката на раката Своја Ме криеше и Ме направи изострена стрела; во Својата торба за стрели Ме чуваше;
3Он Ми рече: »Ти си Мој слуга, Израиле, – во тебе ќе се прославам.«
4Јас, пак, реков: »Напразно сум се трудел, за ништо и попусто сум ја истрошувал силата Своја.« Но правото Мое е во Господа, и наградата Моја е во Мојот Бог.
5А сега вели Господ, Кој уште од утробата ме направи слуга Свој, да го вратам кон Него Јакова, за да се собере при Него Израилот; а кога ќе се собереме, ќе се прославам во Господа и Мојот Бог ќе биде сила Моја.
6И Он рече: »Малку е, тоа што Ти ќе ми бидеш слуга, за да се подигне племето Јаковово и да се поврати остатокот Израилев, туку Јас ќе те направам светило за народите, за да се рашири спасението од Господа до краиштата на земјата.«
7Така вели Господ, Искупителот на Израилот, Светецот негов, на презираниот од сите, на прекоруваниот од народот, на слугата на силните: цареви ќе Те видат и ќе станат; кнезовите ќе се поклонат заради Господа, Кој е верен, заради Светецот Израилев, Кој Те избрал.
8Вака вели Господ: »Во благопријатно време Те чув и во денот на спасението Ти помогнав; и Јас ќе те пазам и ќе Те направам завет на народот, за да ја востановиш земјата, да им ги вратиш на наследниците опустошените наследства.
9Да им кажеш на затворените: излезете, и на оние, што се во темнина: покажете се. Крај патиштата ќе пасат тие, по сите ридови ќе бидат нивните пасишта;
10Нема да трпат глад и жед, нема да ги удри припек и сонце; зашто Оној, Кој ги милува, ќе ги води и ќе ги доведе при извори водни.
11И сите Мои гори ќе ги направам друмови, Моите патишта ќе бидат издигнати.
12Ете, едни ќе дојдат оддалеку; и ете – едни од север и од морето, а други – од земјата Синим.«
13Радувајте се, небеса, и весели се, земјо; воскликнувајте од радост гори, зашто Господ го утеши Својот народ и ги помилува Своите страдалници.
14А Сион велеше: »Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!«
15Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам.
16Ете, на Своите дланки сум те забележал; твоите ѕидишта секогаш се пред Мене.
17Твоите синови ќе побрзаат кон тебе, а твоите разурнувачи и опустошители ќе си отидат од тебе.
18Крени ги очите и погледај наоколу, – тие сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Жив сум Јас! вели Господ, – со сите нив ќе се облечеш како со накит и ќе се промениш со нив како невеста.
19Зашто твоите урнатини, твоите пустињи и твојата разорена земја сега ќе бидат многу тесни за жителите, за оние, што те голтаа, ќе си отидат од тебе.
20Децата, што ќе ги имаш, бидејќи си ги изгубила поранешните, ќе ти говорат гласно: »Тесно е местото за мене; отстапи ми, за да можам да живеам.«
21И ти ќе речеш во срцето свое: кој ми ги роди? Јас бев бездетна и бесплодна, одведена во плен и оддалечена; но, кој ги одгледа – ете, јас си останувам сама; а тие каде беа?
22Вака вели Господ Бог: »Ете, ќе ја кренам раката Своја кон народите, ќе го издигнам знамето Свое пред племињата, – и ќе ги донесат синовите твои на раце и ќерките твои – на раменици.
23И царевите ќе бидат твои хранители, и нивните царици ќе бидат твои доилки; со лицето до земјата ќе ти се клањаат и ќе го лижат правот од нозете твои, и ќе дознаеш, дека сум Јас Господ, дека оние, што се надеваат на Мене, нема да се посрамат.
24Може ли да се одземе плен од силен, и можат ли да се одземат заробени од победникот?«
25Да, така вели Господ: и секој заробен од исполин ќе биде одземен и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе ги спасам твоите синови;
26ќе ги нахранам твоите угнетувачи со нивното сопствено месо, ќе бидат напоени со својата крв како со ново вино; и секое тело ќе дознае, дека Јас сум Господ, твој Спасител и твој Искупител, Силниот Бог Јаковов.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.