1Во дваесеттата година од царувањето на Артаксеркса, во месецот Нисан, имаше пред него вино. Јас го зедов виното и му го подадов на царот, и бев натажен пред него.
2Но царот ме праша: »Зошто ти е нажалено лицето? Ти не си болен, такво нешто нема, но секако имаш тага на срцето.« Јас многу се уплашив
3и му реков на царот: »Нека е жив царот засекогаш! Како да не ми биде тажно лицето кога градот, домот, каде што се гробовите на татковците мои, е запустен, и портите негови со оган се изгорени!«
4И царот ми рече: »Па што бараш?« Јас се помолив на Бога небесен
5и му одговорив на царот: »Ако му е угодно на царот, и ако твојот слуга нашол благоволение пред лицето твое, тогаш испрати ме во Јудеја, во градот, каде што се гробовите на татковците мои, за да го изѕидам.«
6И ми рече царот и царицата, која седеше до него: »Колку време ќе трае патот твој, и кога ќе се вратиш?« И царот се согласи да ме пушти, откако го определив времето.
7Тогаш му реков на царот: »Ако благоволи царот, нека ми се даде писмо до задречните обласни кнезови, за да ми дозволат пропуст, додека стигнам до Јудеја,
8и писмо до Асафа, чуврот на царските шуми, да ми даде дрва за вратите на тврдината, што е при Божјиот дом, и за градските ѕидишта, и за куќата, во која ќе живеам.« И царот ми даде, бидејќи благодатната рака на мојот Бог беше над мене.
9Кога стигнав при задречните обласни кнезови, им ги предадов царските писма. А царот беше испратил со мене воени началници со коњаници.
10Кога го слушнаа тоа Саваналат, Аронит и Товија, слуга амонитски, им стана многу непријатно, што дошол човек да се грижи за доброто на синовите Израилеви.
11Пристигнав во Ерусалим и останав таму три дни.
12Потоа станав ноќе со неколку души, што беа при мене, и никому не му кажав, што ми ставил мојот Бог на срце да направам за Ерусалим; а немаше никакво добиче со мене, освен она на коешто јавав.
13Така минав ноќе преку Долинските Порти пред изворот во смокварникот и низ Гноиштните Порти, ги разгледав разрушените ѕидишта на Ерусалим и изгорените негови порти со оган.
14И дојдов до Изворните Порти и до царското езеро, но таму немаше место да мине добичето, што беше под мене;
15и се вратив назад по долот ноќе и ги разгледав ѕидиштата и, откако минав пак низ Долинските Порти, се вратив.
16Но старешините не знаеја, каде одев и што правев: дотогаш не им бев открил ништо ни на Јудејците, ниту на свештениците, ниту на првенците, ниту на началниците, ниту на другите работници.
17Затоа им реков: »Гледате во каква неволја се наоѓаме; Ерусалим опусте, и портите негови со оган се изгорени; да одиме и да ги изградиме ѕидовите на Ерусалим, та да не бидеме веќе за срам пред луѓето.«
18И им раскажав, дека благодатната рака на мојот Бог беше над мене, – и за зборовите на царот, што ми ги кажа. Па им реков: »Да станеме и да градиме!« Тогаш им се зацврстија рацете во добро дело.
19Кога го слушнаа тоа Саваналат Аронит и Товија, слуга амонитски, и Гисам Арабјанин, ни се потсмевнуваа и рекоа со презир: »Каква е таа работа што ја вршите? Не мислите ли повеќе да се буните против царот?«
20Јас им одговорив и реков: »Бог небесен, Он ќе ми помогне, и ние, слугите Негови, ќе почнеме да ѕидаме, а за вас нема да има ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.