2 Летописи 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Говорот и молитвата на Соломона.

1Тогаш Соломон рече: »Господ беше рекол, дека ќе благоволи да престојува во магла,

2но јас, на Твоето свето име Му изградив дом на Твоето живеалиште, место за Твоето вечно присуство.«

3И го сврте царот лицето свое, та го благослови сето собрание на Израилците – сето собрание на Израилците стоеше,

4па рече: »Нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој го изврши сега со светата рака Своја она, како што го беше рекол со устата Своја на татка ми Давида велејќи:

5‚од оној ден, кога го изведов Мојот народ од Египетскатѕа земја, Јас не избрав град во ниедно колено Израилево, за да изградам дом, каде што да присуствува името Мое, ниту избрав маж што ќе биде водач на Мојот народ Израилот.

6туку го избрав Ерусалим, та името Мое таму да присуствува, го избрав Давида, тој да биде над Мојот народ – Израилот.‘

7Татко ми Давид имаше на срце да изгради дом на името на Господа, Бога Израилев,

8но Господ му кажа на татко ми Давид: ти имаш на срце да изградиш храм на името Мое; добро е, што ти е тоа на срце.

9Меѓутоа, ти нема да изградиш храм, туку твојот син, што ќе призлезе од бедрата твои, – тој ќе изгради храм на името Мое.

10И Господ го исполни словото и, она што го беше изрекол; јас стапив на местото на мојот татко Давида, седнав на престолот Израилев, како што рече Господ, и изградив дом на името Господово, Бога Израилев.

11Го положив таму ковчегот, во кој е заветот на Господа, што го беше склучил со синовите Израилеви.«

12Па застана Соломон пред жртвеникот Господов, пред сето собрание на Израилците, ги крена рацете, –

13зашто Соломон беше направил бакарно подножје, долго пет лакти, широко пет лакти и високо три лакти, и го беше поставил среде дворот; застана на него, падна на колена пред сето собрание на Израилците, ги крена рацете кон небото, –

14и рече: »Господи, Боже Израилев! Нема Бог, сличен на Тебе, ниту на небото, ниту на земјата. Ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе со сето свое срце;

15Ти го исполни на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што беше говорел; она, што беше го изрекол со устата Своја, денес го исполни со раката Своја.

16И сега, Господи, Боже Израилев, исполни му го на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што му го рече, велејќи: нема да снема маж, што ќе седи пред лицето Мое на престолот Израилев, само ако твоите синови внимаваат на патиштата свои, одејќи по Мојот закон така, како што одеше ти пред Мене.

17А сега, Господи, Боже Израилев, нека се потврди словото Твое, што си го изрекол на Својот слуга Давида!

18Навистина, Бог ли ќе живее со луѓето на земјата? Ако небото небесата Твои не Те собираат, дотолку помалку ќе Те собере овој храм, што сум го изградил.

19Но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата, со која Твојот слуга се моли пред Тебе.

20Нека бидат очите Твои отворени кон овој храм дење и ноќе, кон местото, во кое си ветил дека го ставаш името Свое, за да ја слушаш молитвата, со која слугата Твој ќе се моли на ова место.

21Чуј ги молбите на Твојот слуга и на Твојот народ Израилот, со кои ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се!

22Кога некој ќе згреши против ближниот свој, и ќе побараат од него клетва, за да се заколне, и таа клетва биде извршена пред Твојот жртвеник во овој храм,

23тогаш чуј од небото и изврши суд над Своите слуги, подај му на виновникот, и товарејќи му ја постапката негова врз главата негова; а оправдај го правиот, воздавајќи му според правдата негова.

24Кога Твојот народ Израилот ќе биде поразен од непријателот, затоа што згрешил пред Тебе и кога тој ќе се сврти кон Тебе, и ќе го исповеда името Твое со молба и молитва пред Тебе во овој храм,

25чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израилот и врати го во земјата, што си му ја дал нему и на татковците негови.

26Кога ќе се заклучи небото и ќе снема дожд, затоа што згрешил пред Тебе, и ќе се помолат на ова место, ќе го исповедаат името Твое и ќе се свртат од своите гревови, затоа што си ги понизил,

27чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израилот, покажувајќи им го добриот пат, по кој треба да одат; и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство.

28Ако биде глад во земјата или помор, огнен ветар или гламја, скакулци или гасеници, или ако го притиснат непријателите негови во земјата, што ја владее, некое зло ако се случи или некаква болест,

29секоја молитва, секоја молба од кој и да било човек, или од сиот народ Твој Израилот, кога секој ќе ја почувствува неволјата своја и тагата своја и ќе ги подадае рацете кон Твојот храм,

30чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и прости и подај му на секого според сите патишта негови, како што го познаваш срцето негово, – зашто само Ти ги познаваш срцата на синовите човечки, –

31за да се плашат од Тебе и да одат по Твоите патишта во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на татковците нивни.

32Дури и туѓинецот, што не е од Твојот народ Израилот, кога ќе дојде од далечна земја поради Твоето големо име, Твојата моќна рака и Твојата силна мишка, – дојде и се помоли во овој храм,

33чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и направи сѐ, за кое туѓинецот ќе Те призове, та сите земни народи да го познаат Твоето име и да се плашат од Тебе, како и Твојот народ Израилот, и да знаат, дека овој дом, што јас го изградив, е наречен на Твое име.

34Кога Твоите луѓе ќе излезат во војна против непријалтелите свои по патот, по кој ќе ги испратиш Ти, и Ти се помолат, обрнувајќи се кон храмот, што го изградив на Твоето име,

35тогаш послушај ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи им го она што е таму потребно.

36Кога ќе згрешат пред Тебе, – зашто нема човек што не грешава, – и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и они, што ги заробиле, ги одведат во далечна или блиска земја,

37кога во земјата, во која ќе бидат заробени, ќе дојдат на себеси, ќе се свртат и ќе Ти се помолат во земјата на своето ропство, велејќи: ‚згрешивме, направивме беззаконија и неправди,‘

38и се обрнат кон Тебе со сето свое срце и со сета своја душа, во земјата на своето ропство, каде што ќе бидат одведени во плен, и се помолат, обрнувајќи се кон земјата своја, што си им ја дал на татковците нивни, и кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твоето име, –

39тогаш чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, чуј ја молитвата нивна и молбата нивна, и направи го она што им е потребно, и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе.

40Боже мој, очите Твои нека бидат отворени и ушите Твои внимателни кон молитвата на ова место!

41И сега, Господи Боже, застани во Твоето покоиште, Ти и ковчегот на Твојата сила. Твоите свештеници, Господи Боже, нека се облечат во спасение, и Твоите преподобни да се радуваат во добрините.

42Господи Боже, не свртувај го лицето од помазаникот Свој, присети се на милостите ветени кон Својот слуга Давида!«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help