Ппророк Језекиил 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Осуда Божја над Ерусалим.

1»А ти, сине човечки, земи си остар нож, како берберски брич, па мини го преку главата своја и брадата, и земи мерила, и раздели ја косата на делови.

2Третиот дел изгори го на оган среде градот, кога ќе се завршат деновите на опсадата; вториот дел земи го и исечи го со нож по околината негова; а третата третина развеј ја на ветар; Јас, пак, ќе го извлечам мечот по нив.

3И земи од тоа, па врзи го тоа во полите од својата облека.

4Но од тоа земи пак малку и фрли го во оган, и изгори го во огнот. Оттаму ќе излезе оган врз целиот дом Израилев.

5Така вели Господ Бог: тоа е Ерусалим. Јас го поставив среде народи, и го опкружив со земји.

6А тој стана против наредбите Мои понечесно од незнабошците, и против Моите повелби – полошо отколку земјите околу него; зашто тие ги отфрлија наредбите Мои и не постапуваат според повелбите Мои.«

7Затоа вака вели Господ Бог: »Бидејќи вие ги намноживте гревовите свои повеќе од незнабошците, кои се околу вас, по Моите уредби не одите и наредбите Мои не ги извршувате, и не одите дури ни според уредбите на незнабошците, кои се околу вас.«

8Затоа, вака вели Господ Бог: »Ете, и Јас сум против тебе, јас Самиот, и ќе извршам среде тебе суд пред очите на незнабошците.

9Па поради сите твои одвратности, ќе ти направам тебе, како што никогаш не сум направил, а нема и во иднина да направам.

10Затоа татковците ќе ги јадат синовите свои среде тебе, а и синовите ќе ги јадат татковците свои; и ќе извршам над тебе суд, и сиот твој остаток ќе го развејам по сите ветрови.

11Затоа, жив сум Јас, вели Господ Бог: бидејќи ти го оскверни Моето светилиште со сите твои одвратности и со сите твои гадотии, Јас ќе те смалам, и Моето око нема веќе да те пожали, и Јас нема да се смилувам над тебе.

12Третиот дел од тебе, од помор ќе изумре и од глад ќе загине среде тебе; втората третина од меч ќе падне во твојата околина; а третината ќе ја развеам по сите ветрови, и ќе го извлечам мечот по нив.

13Така ќе се исполни Мојот гнев, и ќе ја смирам Својата јарост над нив, и ќе се задоволам; и кога ќе се излее јароста Моја врз нив, тогаш ќе разберат дека Јас, Господ, сум им зборувал во ревноста Своја.

14Ќе те претворам во пустиња и за поруга меѓу народите, кои се околу тебе, пред очите на секој минувач.

15Ќе бидеш за потсмев и за поруга, за срам и ужас кај народите што се околу тебе, кога ќе го извршам над тебе судот во гнев и јарост, и преку јаросни порази – Јас Господ го говорев тоа,

16И кога ќе пратам врз нив лути стрели на глад, што ќе истребуваат, кога ќе ги пратам за ваша погибел и за засилување на гладот при вас, и ќе ја уништам лебната поткрепа кај вас.

17А ќе пратам врз тебе глад и лути ѕверови, кои ќе те лишат од децата; и помор и крв ќе мине преку тебе, ќе испратам меч врз тебе; Јас, Господ го кажав ова.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help