Јудита 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Увод. Јудита и народните старешини.

1Во тие денови сето тоа го слушна Јудита, ќерката на Мерарија, синот на Окса, синот на Озимел, син на Елкија, син на Ананија, син на Гедеона, син на Рафаина, син на Акитона, син на Илиев, син на Елијава, син на Исмаилев, син на Саласадаја, син на Јеила.

2Нејзиниот маж Манасија, од истото племе и од истиот род, умре кога се жнееше јачменот;

3тој беше на нивата заедно со оние што врзуваа снопови, поради што го удри сончаница, легна на постела и умре во градот свој Ветилуја; го погребаа при неговите татковци, на нивата што се наоѓа на половина пат меѓу Дотаим и Валамон.

4Оттогаш Јудита живееше како вдовица три години и четири месеци.

5Таа си направи шатор на покривот од куќата, си запаша кострет околу бедрата и носеше вдовичка облека.

6Како вдовица постеше во сите денови, освен во деновите спроти сабота и во саботите, во деновите пред новомесечјата, на новомесечјата и во празниците и прославите на Израиловиот дом.

7Беше лична и привлечна; мажот ѝ беше оставил злато и сребро, слуги и слугинки, добиток и ниви. Со сето тоа таа управуваше.

8Никој не ја прекори за никакво лошо дело, зашто имаше силен страв Божји.

9Таа чу за лошите зборови на народот против водачот на народот, кој се очаја поради недостигот на вода; ги чу и зборовите што ги кажа Озија, дека се заколнал оти по пет дена ќе им го предаде градот на Асирците.

10Таа ја испрати слугинката, која раководеше со целиот нејзин имот, да ги повика Озија, Хаврина и Хармина, старешините на нејзиниот град.

11Кога дојдоа кај неа, таа им рече: »Ислушајте ме, старешини на ветилујските жители! Не ви се добри зборовите што денес му ги кажавте на народот. Во говорот ваш се заколнавте пред Бога, дека ќе им го предадете градот на нашите непријатели, ако во спомнатите денови Господ не ни помогне.

12Кои сте вие што денес го искушувате Бога и се поставувате место Бога меѓу синовите човечки?

13Ете, вие го испрашувате Господа Седржителот, но никогаш ништо нема да разберете.

14Ако не можете да ја дознаете длабочината на човечкото срце, ако не можете да ја сфатите човечката мисла, како ќе го разберете Бога, Кој создал сѐ, како ќе ги сфатите Неговиот ум и Неговите мисли? Не, браќа, не прогневувајте Го Господа, нашиот Бог.

15Зашто, ако не сака да ни помогне во тие пет дена, Он има власт и сила да нѐ заштити или уништи, пред очите на нашите непријатели, во деновите кога Он ќе посака.

16Затоа не барајте одлуки од Господа нашиот Бог, зашто Бог не е човек – за да може да Му се заканувате, ниту е син човечки – за да можете да Му заповедате.

17Затоа, чекајќи од Него спасение, да Го повикаме на помош; Он ќе го чуе и ќе го послуша нашиот глас, ако тоа што го бараме Му биде угодно Нему.

18Зашто во нашите родови немало, а и во денешно време нема кај нас ни колено, ни племе, ни народ, ни град, кои им се клањаат на ракотворени богови, како што било некогаш.

19Затоа нашите татковци биле предавани на меч, биле ограбувани и доживеале големи порази од своите непријатели.

20Но ние не знаеме друг Бог освен Него; затоа се надеваме дека нема да нѐ презре ни нас ниту некого од нашиот народ.

21Зашто, ако бидеме победени, со тоа ќе падне и цела Јудеја; светињите наши ќе бидат разграбани; Он ќе побара сметка од нас за оскверненијата од нашите усти.

22И убивањето на нашите браќа, и поробувањето на земјата и опустошувањето на нашето наследство ќе го сврти врз нашата глава меѓу народите, кои ќе владеат над нас и ќе бидеме соблазнување и срам пред оние што ќе нѐ победат,

23зашто ропството наше ќе ни послужи за чест, туку Господ, нашиот Бог, ќе го претвори во бесчестие.

24И така, браќа, да им покажеме на нашите браќа дека од нас зависи нивниот живот и дека врз нас се крепат светилиштето и домот на Господа.

25За сето ова да Му благодариме на Господа, нашиот Бог, што нѐ проверува, како што ги проверувал нашите татковци.

26Спомнете си што правеше Бог со Авраама, како го проверуваше Исака, што му се случи на Јакова во Месопотамија, сириска кога ги пасеше овците на својот вујко Лавана;

27како што ги искушуваше не за да ги мачи нивните срца, така постапува и со нас: за да се поправиме, а не за да ни се одмазди, зашто Бог ги проверува оние што Му се блиски.«

28Озија ѝ одговори и рече: »Сѐ што рече, го рече со благородно срце; никој нема да им се противстави на твоите зборови;

29твојата мудрост не е позната само од денес, а уште од почетокот на твоите денови нашиот народ ја знае твојата умност и благородството на твоето срце!

30Но народот се измачува од жед и тоа нѐ принуди, така да постапиме: да се заколнеме дека ќе направиме како што рековме.

31Ти си побожна жена, помоли Му се сега на Господа за нас: и Он ќе испрати дожд, ќе ги наполни нашите резервоари, за да не изгинеме од жед.«

32Јудита одговори и рече: »Слушајте ме, ќе направам нешто, за кое ќе се говори од поколение во поколение меѓу нашиот народ.

33Застанете оваа ноќ пред градската порта. Јас ќе излезам со мојата слугинка и во деновите, по кои решивте да им го предадете градот на нашите непријатели, Господ ќе го спаси Израилот преку мојата рака.

34Но не прашувајте ме што сум наумила да правам, сѐ додека не го направам.«

35А Озија и народните старешини ѝ рекоа: »Оди со мир и Господ нека биде со тебе, за да можеш да им се одмаздиш на нашите непријатели!«

36Излегоа од нејзиниот шатор и се вратија на своите места.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help