4 Царства 10 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Уништувањето на Израилското царско семејство. Колење на браќата на царот Охозиј. Колење на Вааловите свештеници и уривање на неговото светилиште. Владеењето на Јуј во Израилското царство.

1Ахав имаше седумдесет синови во Самарија. Јуј напиша и испрати во Самарија до израилските војводи, старешини и воспитувачи на Ахавовите деца писма со ваква содржина:

2»Кога ќе стигне до вас ова писмо, бидејќи се при вас синовите на господарот ваш, а исто така кај вас се и колите и коњите, и утврдениот град и оружјето, –

3изберете го најдобриот и најдостојниот од синовите на господарот свој, поставете го на татковиот му престол и војувајте за домот на господарот свој.«

4Тие се уплашија многу и рекоа: »Ете, двајца цареви не устоија пред него, а како ќе устоиме ние?«

5Тогаш војводата на царскиот дом и градоначалникот, и старешините, и воспитувачите испратија да му кажат на Јуја: »Ние сме твои слуги и, што ќе ни кажеш, ќе направиме; никого нема да поставиме за цар; прави што ти е волја.«

6Тој повторно им напишта вакво писмо: »Ако сте мои и ако се покорувате на зборот мој, земете ги главите на синовите на вашиот господар и дојдете утре во ова време при мене во Језраел.« И царските синови беа седумдесет души; ги воспитуваа највидните во градот.

7Кога стигна до нив писмото, тие ги зедоа царските синови и ги заклаа – седумдесет души, ги ставија главите нивни во кошница и му ги испратија во Језраел.

8Дојде пратеникот, го извести и рече: »Ги донесовме главите на царските синови.« И тој рече: »Поставете ги во два купа при влезот на портите до утре.«

9Изутрината тој излезе, застана и му рече на сиот народ: »Вие не сте виновни. Еве, јас востанав против господарот свој и го убив, но сите овие кој ги уби?

10А сега знајте, дека нема да изостане на земјата ниедно слово Господово, што Он го изрекол за Ахавовиот дом; Господ го направи тоа, што го изрече преку Својот слуга Илија.«

11И Јуј ги уби сите други од домот на Ахава во Језраел, и сите големци негови, и блиски негови, и свештениците негови, така што од него не остана ниту еден.

12Потоа стана, тргна и дојде во Самарија. По патот, кога се наоѓаше близу до овчарскиот Ветакад,

13Јуј ги сретна браќата на јудејскиот цар Охозија и ги праша: »Кои сте вие?« Тие одговорија: »Ние сме браќата на Охозија, одиме да видиме, здрави ли се синовите на царот и синовите на царицата.«

14То тој рече: »Фатете ги живи.« Ги фатија живи и ги заклаа четириесет и две души, при кладенецот на Ветакад, и од нив не остана ниту еден.

15Оттаму тргна и се сретна со Рихавовиот син Јонадав, кој му доаѓаше во пресрет; го поздрави и му рече: »Расположено ли е срцето твое така, како моето срце кон твоето?« Јонадав одговори: »Да.« Тогаш му рече: »Ако е така, дај ја раката своја.« И тој ја подаде раката, и тој го качи на колата при себе.

16И рече: »Тргнувај со мене и гледај ја мојата ревност кон Господа.« И го наместија во колата.

17Кога дојде во Самарија, тој ги уби сите, што останаа од Ахава во Самарија, така што сосема го истреби, според словото на Господа, што му го беше кажал на Илија.

18Тогаш Јуј го собра сиот народ и рече: »Ахав малку му служеше на Ваала; Јуј ќе му служи повеќе.

19Затоа, свикајте ги при мене сите пророци на Ваала, сите негови служители и сите негови свештеници, – никој да не отсуствува, зашто ќе му принесам голема жртва на Ваала. А секој, што нема да дојде, нема да остана жив.« Јуј го правеше тоа со лукавство, за да ги истреби Вааловите служители.

20Тогаш рече Јуј: »Свикајте празничен собор за Ваала.« И прогласија собор.

21Тогаш Јуј испрати по сиот Израил, и дојдоа сите Ваалови служители; не остана ниеден да не дојде; и влегоа во домот на Ваала, и Вааловиот дом се исполни открај докрај.

22И му кажа на чуварот на одеждите: »Донеси одежди за сите Ваалови служители!« И тој им донесе одежди.

23Јуј влезе со Рихавовиот син Јонадав во домот Ваалов и им кажа на Вааловите служители: »Испитајте и разгледајте, дали се наоѓа некој од служителите на Господа, зашто тука треба да бидат само Вааловите служители.«

24И тие пристапија да принесуваат жртви сепаленици и приноси. А Јуј постави надвор од домот осумдесет души и рече: »Душата на оној, од кого што ќе се спаси некој од луѓето, што ви ги предавам во рацете, ќе биде наместо душата на оној што се спасил.«

25Кога жртвите сепаленици беа принесени, Јуј им рече на брзоодците и на војводите: »Одете, убијте ги, та ниеден да не излезе.« Ги убија со сечилото на мечот и ги исфрлија брзоодците и војводите, и отидоа во градот, каде што беше Вааловото светилиште,

26ги изнесоа идолите од Вааловото светилиште и ги изгореа;

27потоа го разбија Вааловиот идол, го разрушија Вааловото светилиште и го претворија во место на нечистотии, дури до денес.

28Така го истреби Јуј Ваала од Израилската земја.

29Но од гревовите на Наватовиот син Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот, од нив Јуј не отстапи, од златните телиња, што беа во Ветил и во Дан.

30Тогаш Господ му рече на Јуја: »Поради тоа што доброволно го изврши она што беше праведно пред очите Мои – го исполни над Ахавовиот дом сѐ она, што Ми беше на срце, твоите синови ќе седат до четвртиот род на Израилевиот престол.«

31Но Јуј не сакаше да оди според законот на Господа, Бога Израилев, од сѐ срце. Тој не отстапуваше од гревовите на Јеровоама, што го беше навел во грев Израилот.

32Во тие денови Господ почна да откинува делови од Израилците и Азаил ги биеше по сите израилски предели:

33на исток од Јордан, целата земја Галад, племето Гадово, Рувимово, Манасиево, кога ќе зафатиш од Ароир, при потокот Арнон, и Галад и Васан.

34Другото за Јуја и за сѐ што тој го изврши, и за јуначките подвизи негови, е опишано во летописите на израилските цареви.

35И почина Јуј при татковците свои, и го погребаа во Самарија. А место него стана цар синот негов Јоахаз.

36Јуј царуваше над Израилот во Самарија дваесет и осум години.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help