1На тоа одговори Јов и рече:
2»Навистина знам, дека е тоа така; но како ќе се оправда човек пред Бога?
3Ако сака да влезе во расправија со Него, нема да Му одговори ни на едно од илјада.
4Он е мудар по срце и моќен по сила; кој станувал против Него и останувал во спокојство?
5Он ги преместува планините, а тие тоа не го знаат: ги превртува во гневот Свој;
6ја поместува земјата од местото нејзино, и столбовите ѝ треперат;
7ќе му каже на сонцето, – и тоа не изгрева, и на ѕвездите им става печат.
8Он Сам ги распнува небесата и оди по морската површина;
9Он ги создал Мечката, Орионот и Плејадата и ѕвездите на јужното небо;
10врши големи дела, неиспитливи и чудесни, и безбројни се Неговите чуда.
11Ете, Он оди пред мене, и јас не можам да Го видам; Он минува, а јас не Го забележувам.
12Земе ли нешто, кој ќе Му забрани? Кој смее да Го праша: што правиш?
13Бог нема да го отстрани гневот Свој; пред Него ќе паднат приврзаниците на гордоста.
14Ако ме услиши и ги оцени зборовите мои,
15дури и да сум прав, нема да одговарам, туку Судијата мој за милост ќе Го молам.
16И кога на гласот мој би се одзвал, немаше да поверувам дека ги чул зборовите мои Оној,
17Кој во виор ме поразува и без вина ги умножува раните мои;
18не ми дава да здивнам, а со горчила ме исполнува.
19Ако станува збор за сила, Он е најсилниот; кој ќе се спротивстави на Неговиот суд?
20Ако почнам да се оправдувам, самата уста ќе ме обвини; ако сум невин, Он ќе ме прогласи за виновен.
21А дали сум невин, и јас самиот веќе не знам, животот свој го презирам.
22Сеедно е: затоа реков: дека Он го погубува и непорочниот и виновниот;
23ако лукавите гинат со лута смрт, тогаш со невините се подбиваат.
24Земјата е препуштена во рацете на нечестивите. Он им ги покрива очите на нејзините судии. Ако Он не е, тогаш Кој е?
25Но дните мои беа побрзи од гласникот, – далеку побегнаа, не видоа никаде добро;
26летаат како лесни летала, како орел, што се спушта врз плен.
27Ако речам: ‚Ќе ги заборавам тагите свои, ќе го отстранам својот мрачен изглед и ќе закрепнам,‘
28од сите мои маки ужас ме опфаќа, зашто, знам дека нема да ме оправдаш.
29Ако сум, пак, виновен, зошто тогаш залудо се измачувам?
30Да се измиев со снежна вода и сосема да ги исчистев рацете свои,
31и тогаш Ти ќе ме турнеше во тиња, па ќе се згнасеа од мене и алиштата мои.
32Зашто Он не е човек, како што сум јас, та да можам да Му одговорам и да отидам заедно со Него на суд!
33Меѓу нас нема посредник, што би ја ставил раката своја меѓу двајцата.
34Нека го тргне Он од мене жезалот Свој, и стравот Негов да не ме застрашува,
35тогаш ќе зборувам и нема да се плашам од Него, бидејќи вака не знам за себе.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.