1Го заврши Товит славословието.
2Беше на осумдесет и осум години кога ослепе, а по осум години пак прогледа. Продолжи да прави милостиња и да престојува со побожност пред Господа и да Го прославува.
3Најпосле, тој остаре многу и доживеа длабока старост, па го повика сина си и неговите шеснаесет синови, и рече: »Синко, земи ги твоите синови: еве јас веќе остарев и веќе сум на крајот од мојот живот.
4Пресели се во Мидија, синко, бидејќи знам оти Ниневија ќе биде разурната, како што говореше пророкот Јона, а во Мидија ќе владее мир извесно време; нашите браќа, кои живеат во татковината, ќе бидат распрснати и далеку од нашата убава земја; Ерусалим ќе опустее, а домот Божји што се наоѓа во него – ќе изгори и за некое време ќе биде пуст.
5Но Бог пак ќе се смилува и ќе ги врати во нивната земја, и тие тогаш ќе изградат храм, но не онаков каков што бил пред тоа, додека не се исполни одреденото време. Потоа ќе се вратат од ропство и прекрасно ќе го изградат Ерусалим, а домот Божји во него ќе биде обновен за сите идни родови; тоа ќе биде великолепна зграда, како што говореа пророците за него:
6сите народи вистински ќе се обратат и ќе имаат свет страв пред Господа Бога и ќе ги искршат своите идоли;
7сите народи ќе Го благословуваат Господа. Тогаш и Неговиот народ ќе Го прославува Бога, а Господ ќе го издигне народот Свој и ќе бидат радосни сите, кои вистински и праведно Го љубат Господа Бога и ќе бидат милостиви спрема своите браќа.
8И така, синко, отиди од Ниневија, зашто ќе биде сѐ како што претскажа пророкот Јона.
9Ти, пак, пази ги Законот и заповедите и биди милостив и справедлив, за да ти биде добро.
10Погреби ме со почести, а покрај мене погреби ја твојата мајка, па потоа не останувајте во Ниневија ни еден ден. Синко, гледај што му направи Аман на Ахијахара, кој го одгледа: како тој од светлина го фрли во темнина и како му беше вратено. Но сепак Ахијахар беше спасен, а оној доби заслужена казна – слезе во темнината. Манасија правеше милостиња, и беше спасен од смртната мрежа, која му ја беа поставиле, но самиот Аман падна во мрежата и загина.
11И така, деца мои, знајте каква сила има милостињата и дека правдата спасува.« И кога го рече тоа, ја испушти душата своја. Тогаш беше на сто и педесет и осум години, а неговиот син го погреба со почести.
12Кога умре и Ана, тој ја погреба покрај татка си. Потоа Товиј со жена си и со своите деца отиде во Екбатана кај својот тест Рагуила.
13Таму доживеа чесна старост, ги погреба и тестот и тештата, па го наследи нивниот имот и имотот на својот татко Товита,
14а умре во Екбатана Мидиска кога имаше сто дваесет и седум години.
15Пред да умре разбра за разурнувањето на Ниневија, која ја разорија Навуходоносор и Асуар, така што пред смртта се израдува над пропаста на Ниневија.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.