1Тешко му на Арил, на градот Арил, каде што живееше Давид! Притурете година врз година; нека колат жртви.
2Но Јас ќе го притеснам Арил; и ќе има плач и тагување; тој ќе остане при Мене како Арил.
3Ќе се сместам на логорување околу тебе и ќе те стеснам со набљудувачка стража, ќе подигнам против тебе тврдини.
4И ќе бидеш понизен, ќе говориш како од под земја, и зборот твој ќе биде глув како говор од под прав, и гласот твој ќе биде како глас на оној што говори од стомак, и зборот твој ќе се шепоти од под правот.
5Многу твои непријатели ќе бидат како ситен прав, а множеството угнетувачи – како развеана плева; и тоа ќе стане ненадејно, во еден миг.
6Господ Саваот ќе те посети со гром и потрес, со силен глас, со бура и виор, со пламен од оган што голта сѐ.
7И како сон, како ноќно видение во сон ќе биде мноштво од сите народи, што војуваат против Арил, од сите, излезени против него и тврдините негови, и од оние, што го притесниле.
8И како што гладен сонува, дека божем јаде, но се разбудува, и душата му е празна; и како што жеден сонува дека божем пие, но се разбудува, и ете се мачи, и душата му е жедна: истото ќе стане и со множеството од сите народи, што војуваат против гората Сион.
9Чудете се и восхитувајте се: тие ги ослепија другите, и сами ослепеа; тие се пијани, но не од вино, – се занесуваат, но не од сикер;
10зашто Господ испрати врз вас дух на успивање и ги затвори вашите очи, о пророци, и ги сокри вашите глави, о јасновидци!
11И секое пророштво за вас е она исто, што се зборовите во запечатената книга, што му ја даваат на оној, кој знае да чита книга, и велат: »Прочитај ја«, а тој одговара: »не можам, зашто е запечатена.«
12И му ја даваат книгата на оној, кој не знае да чита, и велат: »Прочитај ја«; и тој одговара: »Не знам да читам.«
13И рече Господ: »Бидејќи овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило;
14затоа, ете, Јас ќе постапам пак необично со овој народ, чудно и чудесно, така што мудроста на мудреците негови ќе загине, и разум во разумните нема да има.«
15Тешко на оние што мислат да се сокријат во длабочината, за да го скријат кроежот од Господа, кои ги вршат делата свои во мрак и велат: »кој ќе нѐ види, и кој ќе нѐ дознае?«
16Каква неразумност? Можеме ли да го сметаме грнчарот за глина? Ќе каже ли делото за оној што го направил: тој не ме направи? И ќе каже ли направеното за мајсторот свој: тој не разбира?
17Уште малку, сосема малку, и Ливан нема ли да се претвори во градина, а градината нема ли да се претвори во гора?
18И во тој ден глувите ќе ги чујат зборовите од книгата, и очите на слепите ќе прогледаат од темнината и мракот.
19И оние што страдаат, сѐ повеќе и повеќе ќе се радуваат во Господа, а сиромасите и бедните луѓе ќе воскликнуваат во Светецот Израилев;
20зашто нема повеќе да има силник, хулител ќе исчезне; а ќе бидат истребени и сите што смислуваат зло,
21кои го збркуваат човекот со зборови и му распнуваат мрежи на оној, кој бара суд кај портите и го отфрлаат правиот.
22Затоа така вели Господ за Јакововиот дом, Оној, Кој го откупи Авраама: тогаш Јаков нема да биде во срам и лицето негово веќе нема да побледува.
23Зашто кога ќе ги види околу себе децата свои, дело на Моите раце, тој свето ќе го почита името Мое и свето ќе го почитува Светецот Јаковов, со трепет ќе стои пред Бога Израилев.
24Тогаш оние што се со духот заблудени ќе ја познаат мудроста, и непокорните ќе се вразумат.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.