1. Коринтјаните 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Како апостолот во својата служба ја употребува христијанската слобода. Потребна е борба за нераспадлив венец.

1Не сум ли јас апостол? Не сум ли слободен? Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господа?

2Ако на други не сум апостол, но на вас сум, бидејќи печатот на моето апостолство сте вие во Господа.

3Тоа е мојата заштита против оние што ме осудуваат.

4Зар немаме право да јадеме и да пиеме?

5Зар немаме право да водиме со себеси една жена сестра, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?

6Или само јас и Варнава немаме право ова да го правиме?

7Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не јаде од неговото млеко?

8Зар го зборувам ова само по човечки? Не го вели ли истото и Законот?

9Бидејќи во Мојсеевиот закон е напишано: »Не врзувај ја устата на вол, што врши«. Зар Бог се грижи за воловите?

10Или го вели тоа, главно, за нас? – Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и кој што врши, да врши со надеж, за да го добие она, што го очекува;

11ако сме го посеале при вас духовното семе, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното?

12Ако други имаат дел во она, со што располагате вие, тогаш колку повеќе ние? Но, ние не го користевме тоа право, туку сѐ трпиме, за да не направиме некаква пречка на Христовото Евангелие.

13Не знаете ли дека оние, што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот?

14Така и Господ заповедал, проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.

15Но јас не се ползував ни со едно од тие права; и не го пишав ова, за да се приложи сето тоа кон мене. Оти за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе.

16Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам.

17Ако доброволно го вршам тоа, тогаш имам награда; а ако без своја волја – тогаш е тоа само извршување на поверена ми служба.

18А каква ми е наградата? Таа е дека проповедајќи го Евангелието, го проповедам за Христа дарум, не ползувајќи го своето право од благовествувањето.

19Зашто, иако слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам:

20на Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и нив;

21за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христа, за да ги придобијам и оние што се без закон.

22За слабите станав како слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та по каков и да било начин да спасам некого.

23А ова го правам поради Евангелието, за да бидам учесник во Него.

24Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете.

25Секој што се бори, од сѐ се воздржува: оние – за да добијат распадлив венец, а ние – траен.

26Јас, пак, сѐ така трчам, но не на несигурно; се борам не како оној што удира по ветар;

27туку го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help