4 Царства 25 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Опсадата и разурнивањето на Ерусалим. Годолија управник на Јудеја. Помилувањето на царот јудејски Јехониј.

1Во деветтата година од царувањето свое, во десеттиот месец, на десеттиот ден од месецот, вавилонскиот цар Навуходоносор дојде со сета своја војска пред Ерусалим, го опседна и направи околу него опкоп.

2И градот стоеше во опсада до единаесеттата година од владеењето на царот Седекиј.

3На деветтиот ден од месецот гладот се засили во градот, и народот на земјата немаше леб.

4Градот беше преземен, и сите воени лица избегаа ноќе по патот кон портите, меѓу двата ѕида, што се до царската градина; а Халдцејците стоеја околу градот, и царот отиде по патот кон рамнината.

5Халдејската војска се спушти по царот и го стигна во Јерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него.

6Тогаш го фатија царот, го одведоа при вавилонскиот цар во Ривла и извршија над него суд;

7синовите на Седекија ги заклаа пред очите негови, а на Седекија му ги избодоа очите, го оковаа во окови и го одведоа во Вавилон.

8На петтиот месец, на седмиот ден од месецот, односно во деветнаесеттата година од владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде Навузардан, заповедник на телохранителите, слуга на вавилонскиот цар, во Ерусалим

9и го изгоре домот Господов и царскиот дом, и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи ги изгоре со оган;

10и ѕидовите околу Ерусалим беа урнати од халдејската војска, што беше со заповедникот на телохранителите.

11А другиот народ, што беше останал во градот, и одметниците, кои му се предале на вавилонскиот цар, а и другиот прост народ ги исели Навузардан, заповедникот на телохранителите.

12Само малкумина од сиромасите на оваа земја заповедникот на телохранителите ги остави за работници во лозјата и за земјоделци.

13И бронзените столбови во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море во домот Господов Халдејците го испокршија и ја однесоа бронзата нивна во Вавилон;

14и котлите, и лопатките, и штипките, и лажиците, и сите бакарни садови, што се употребуваа во службата, ги кренаа;

15и кадилниците, и садовите, – сѐ што имаше златно, и сѐ што имаше сребрено, го зеде заповедникот на телохранителите;

16столбови два, море едно, и подножјата што Соломон ги беше направил во домот Господов, – бронзата во сите тие работи немаше мерка.

17Едниот столб беше висок осумнаесет лакти, главата му беше од бронза, а висината на главата – три лакти, и мрежата на наровите околу главата – сето тоа беше од бронза. Тоа исто го имаше и другиот столб со мрежата.

18Заповедникот на телохранителите го зеде првосвештеникот Сераија, вториот свештеник Софанија и тројцата вратари.

19Од градот тој зеде еден дворски човек, кој беше заповедник на воените лица, и петте души, што стоеја пред царското лице и се наоѓаа во градот, и главниот писар на војската, што го запишуваше во војската народот на земјата, и шеесет души од народот на земјата, кои се наоѓаа во градот.

20Ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе при вавилонскиот цар во Ривла.

21И вавилонскиот цар ги порази и ги погуби во Ривла, во земјата Емат. И Јудејците беа иселени од земјата своја.

22А над народот, оставен во Јудејската земја, вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за управник Годолија, синот на Ахикама, Сафанов син.

23Кога сите војводи, тие и луѓето нивни, слушнаа дека вавилонскиот цар го поставил за управник Годолија, дојдоа при Годолија во Масифа, односно Исмаил, синот на Натанија, Јоанан, синот Каритов, Сараја, синот Танаметов од Нето, Фатит и Језаниј, син Магатетов, тие и луѓето нивни.

24И им се заколна Годолија ним и на луѓето нивни и им рече: »Не плашете се што ќе бидете потчинети на Халдејците; населувајте се во земјата, служете му на вавилонскиот цар и ќе ви биде добро.«

25Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот на Натанија, Елисамов син, од царски род, со десет души, го порази Годолија, и тој умре, а и Јудејците, и Халдејците, што беа во Масифа.

26Тогаш се крена сиот народ, од мало до големо, и војводите, па отидоа во Египет, зашто се плашеа од Халдејците.

27Во триесет и седмата година од преселувањето на јудејскиот цар Јехонија, во дванаесеттиот месец, на дваесет и седмиот ден од месецот, вавилонскиот цар Евилмародах, во годината на царувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехонија,

28говореше со него пријателски и го постави престолот негов погоре од престолот на царевите, што беа пред него во Вавилон;

29и му ја смени затворската облека негова; и секогаш Јехонија јадеше со него, во сите дни на животот свој.

30За постојана издржка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на животот негов.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help