1Во седмата година на Јуја стана цар Јоас и царуваше во Ерусалим четириесет години. Мајка му се викаше Савија, од Вирсавија.
2А Јоас го вршеше она што беше угодно пред очите на Господа во сите денови додека го поучуваше свештеникот Јодај;
3само идолските светилишта не беа урнати; народот уште принесуваше жртви и кадеше по тие светилишта.
4Јоас им кажа на свештениците: »Сето посветувано сребро, што го принесуваат во домот Господов, среброто од оние што се бројат, среброто што се внесува за секоја душа според оценката, – сето сребро, колку што секому срцето му дава, да се донесе во домот Господов;
5свештениците нека го приберат, секој од својот познат, и нека го поправат расипаното во храмот, насекаде, каде што ќе се најде оштетено.«
6Но бидејќи до дваесет и третата година на царот Јоас свештениците не ги поправаа расипаните работи во храмот,
7царот Јоас го повика тогаш свештеникот Јодаја и свештениците и им рече: »Зошто не ги поправате расипаните работи во храмот? Отсега нема веќе да прибирате сребро од своите познати, туку ќе го оставате за поправка на храмот.«
8И свештениците се согласија да не прибираат веќе при себе сребро од народот за поправки во храмот.
9Тогаш свештеникот Јодај зеде едно ковчеже, му направи одозгора отвор и го стави до жртвеникот десно, каде што влегуваа во домот Господов. И свештениците, што стоеја на стража при вратата, го пуштаа таму сето сребро, што се внесуваше во домот Господов.
10И кога видоа, дека има многу сребро во ковчежето, доаѓаше царскиот писар и првосвештеникот и го врзуваа во торби и го пребројуваа среброто, што се наоѓаше во домот Господов,
11а преброеното сребро го предаваа во рацете на одредените при домот Господов распоредници, и тие им плаќаа на дрводелците, што работеа во домот Господов,
12и на ѕидарите, и на каменоделците, и за купување дрва и делкани камења, за поправки во домот Господов, и за сѐ, што се трошеше за одржување на храмот.
13Но за домот Господов не беа направени ни сребрени чинии, ни штипки, ни котлиња за росење, ни труби – никакви златни садови, и сребрени садови не беа направени од сребро, што се внесуваше во домот Господов,
14туку го предаваа на распоредниците и тие го поправаа со него домот Господов.
15И не бараа сметка од оние, на кои им го доверуваа среброто за раздавање на распоредниците, зашто тие постапуваа чесно.
16Среброто од жртвите за вина и сребро од жртвата за грев не се внесуваше во домот Господов: тоа беше за свештениците.
17Тогаш сирискиот цар Азаил тргна во поход, отиде да војува против Гет, и го презеде; а потоа Азаил намисли да оди против Ерусалим.
18Но јудејскиот цар Јоас го зеде сето жртвувано, што го беа жртвувале на храмот неговите татковци, јудејските цареви – Јосафат, Јорам и Охозиј, и што самиот го беше жртвувал, и сето злато, најдено во ризниците на домот Господов и на царскиот дом, и му го испрати на сирискиот цар Азаил; тој тогаш го напушти Ерусалим.
19Другото за Јоаса и за сѐ, што тој го извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви.
20И се побунија слугите негови, направија заговора и го убија Јоаса во домот Мило, на патот за Сила.
21Го убија слугите негови: Језехар, син Јемуагов, и Језевуд, син Самиров, и тој умре, и го погребаа при татковците негови во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Амасиј.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.