Товит 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Завршната молитва на Товита.

1Тогаш Товит, исполнет со радост, напиша молитва со овие зборови: »Благословен е Бог, Кој вечно живее и царството Негово е благословено!

2Зашто Он казнува и милува, испраќа во пеколот и изведува оттаму; никој не може да избега од Неговата рака.

3Синови Израилеви, прославувајте Го пред незнабошците, зашто Он нѐ распрсна меѓу нив.

4Таму објавувајте го величието Негово, издигнувајќи го над сѐ што живее, зашто Он е нашиот Господ Бог, Он е нашиот Татко низ вековите.

5Он нѐ казнува за нашите лоши дела, но пак ќе се смилува и ќе нѐ собере од сите народи, меѓу кои сме расеани – каде и да сме.

6Ако се обраќате кон Него со сето срце свое и со сета душа своја, ако ја извршувате пред Него вистината, Он ќе се сврти кон вас и нема да го скрие Своето лице од вас. Ќе видите што ќе направи со вас. Прославувајте Го со сите зборови на вашата уста, благословувајте Го Бога на правдата и вознесувајте Го Царот на вековите. Јас Го прославувам во земјата на моето робување и проповедам за Неговата сила и величина на народ од грешници. Обрнете се, грешници, и извршувајте го она што е право пред Него. Кој знае, може ќе погледне и на вас и ќе се смилува на вас!

7Јас Го превознесувам мојот Бог – Небесниот Цар, и душата моја, се радува на Неговата величина.

8Сите нека говорат за Него и нека Го прославуваат во Ерусалим.

9Ерусалиме, граде свет, Он ќе те казни за делата на твоите синови и пак ќе те помилува за твоите праведници.

10Со усрдност прославувај Го Господа и благословувај го Царот на вековите, та одново со радост да биде издигната Неговата скинија, за да се израдуваат незнабошците во тебе и несреќните да најдат во тебе љубов од сите поколенија во сите векови.

11Многу народи ќе дојдат од далеку кон името на Господа Бога, ќе носат дарови на своите раце, дарови за Небескиот Цар; многу поколенија ќе Те прославуваат со радосни воскликнувања.

12Проколнати да бидат сите што Те мразат, а за секогаш благословени оние што Те сакаат!

13Радувај се и весели се за Твоите праведни синови, зашто ќе бидат собрани и ќе Го благословуваат Господа на праведниците.

14Блажени се оние што Те сакаат и што му се радуваат на Твојот мир! Блажени се оние што се натажени поради Твоите страдања, зашто ќе се зарадуваат кога ќе ја видат Твојата слава и вечно ќе се радуваат.

15Душата моја да Го благословува Бога – Великиот Цар!

16Оти Ерусалим ќе биде изграден од сафир и смарагд и од скапоцени камења, а ѕидините, кулите и тврдините – од чисто злато.

17Плоштадите негови ќе бидат поплочани со берил, антракс и офирски скапоцени камења.

18По сите негови улици ќе се огласува песната ‚Алилуја‘ и ќе се славословат, велејќи: ‚Благословен е Оној Кој го воздига Ерусалим за сите векови!‘«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help