Јеремија 33 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пророкување за вечниот завет.

1И вторпат би слово Господово до Јеремија, кога беше тој затворен во стражарницата –

2вака вели Господ, Кој ја создаде земјата, Господ, Кој ја уреди и зацврсти, – Кому Му е името Господ:

3повикај кон Мене, и Јас Ќе ти одговорам, ќе ти покажам нешто големо и недостапно, нешто, што ти не го знаеш.

4Оти, така вели Господ, Бог Израилев, за куќите на овој град и за куќите на јудејските цареви, што ќе се урнат за окопи и за борби.

5Оние, што дојдоа да се борат против Халдејците, за да ги исполнат домовите со трупови на луѓе, кои Јас во Својот гнев и во јароста Своја ќе ги поразам и поради чие беззаконие Јас го сокрив лицето од тој град.

6Еве, Јас ќе ги излекувам, ќе ги исцелам и ќе им откријам изобилие на мир и вистина,

7ќе ги вратам заробените на Јуда и заробените на Израилот и ќе ги зацврстам како порано,

8ќе ги исчистам од секое нивно беззаконие, со кое згрешија пред Мене, и ќе им ги простам сите нивни гревови, со кои се огрешија пред Мене и остастапија од Мене.

9И Ерусалим ќе биде за Мене радосно име, похвала и чест, пред сите земни народи, што ќе чујат за сите добра, какви што ќе им давам и ќе се уплашат и ќе затреперат од сите добра и од секаков благослов, што ќе им го дадам.

10Така вели Господ: на ова место за кое вие велите – »тоа е пусто, без луѓе и без добиток«, во јудејските градови и во ерусалимските улици, кои се пусти, без луѓе, без жители, без добиток,

11пак ќе се слуша глас од радост и глас од веселба, глас на младоженец и глас на невеста, глас на оние што велат: »славете Го Господа Саваота, зашто е благ Господ, зашто е милоста Негова вечна«, и глас на оние што принесуваат благодарствена жртва во домот Господен; бидејќи Јас ќе ги вратам заробените од оваа земја во нивната поранешна состојба, вели Господ.

12Така вели Господ Саваот: во ова место, кое е пусто – без луѓе, без добиток, и во сите негови градови пак ќе има живеалишта на пастири, што ќе ги доведуваат стадата свои на одмор.

13Во планинските градови, во градовите по полето и во јужните градови, во земјата на Венијамина, во ерусалимските предградија и во градовите Јудини пак ќе врват стада под раката на оној што ќе ги пребројува, вели Господ.

14Еве настапуваат дни, вели Господ, кога ќе го исполнам ова добро слово, што го изреков за домот Израилев и за домот на Јуда.

15Во тие дни и во тоа време ќе благословам на Давида да му израсте Подмладок на правдата, и Он ќе изврши суд и правда на земјата.

16Во тие дни Јуда ќе биде спасен, и Ерусалим ќе живее безопасно и ќе Му стават име: »Господ е наша правда!«

17Оти, така вели Господ: нема да снема маж при Давида, што не ќе седи на престолот во домот Израилев,

18и кај левитските принесувачи на жртви нема да снема пред лицето Мое човек, кој преку сите дни да не вознесува сепаленица, да изгорува приноси и да принесува жртви.

19И би слово Господово до Јеремија –

20вака вели Господ: ако можете да го разрушите заветот Мој со денот и заветот Мој со ноќта, така што денот и ноќта да не се сменуваат во определеното време,

21тоа тогаш ќе можете да го разрушите и заветот Мој со Мојот слуга Давида, така што да нема при него син, што ќе царува на неговиот престол, а исто така и со левитите – свештеници, служители Мои.

22Како што е небесната војска безбројна, и песокта морска неизброива, така ќе се размножи племето на Мојот слуга Давида и на левитите кои Ми служат.

23И би слово Господово до Јеремија:

24зар не гледаш, дека овој народ вели – »двете племиња, кои Господ ги избра, Он ги отфрли«, и со тоа тие го презираат Мојот народ како веќе да не е народ Мој пред очите нивни?

25Така вели Господ: да не бев го утврдил заветот Мој со денот и ноќта и наредбите на небото и на земјата,

26тоа тогаш и племето на Јакова и на Мојот слуга Давида, ќе го отфрлев, за да не земаат веќе од неговото племе владетели, за племето на Авраама, и Исака, и Јакова, бидејќи ќе ги вратам нивните заробени и ќе ги помилувам.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help