1Одговори Јов и рече:
2»Ислушајте го внимателно зборот мој; тоа ќе ми биде утеха од вас.
3Потрпете ме, и јас ќе говорам; а потоа, откако ќе се искажам, потсмевајте се.
4Зар на човек се оплакувам јас? Па како да не биде жалосен духот мој?
5Погледајте ме и ужаснете се, и ставете прст на устата своја.
6Само кога ќе помислам, – истрпнувам, и трепет го обзема телото мое.
7Зошто беззакониците живеат, достигнуваат старост, и собираат богатство?
8Децата нивни се со нив пред лицето нивно, и внуците им се пред очите нивни.
9Куќите им се во мир и без страв, и жезалот Божји не е врз нив.
10Бикот нивни оплодува и не пропушта, кравата нивна зачнува и не пометнува.
11Ги пуштаат малите свои како стадо, и децата нивни скокаат.
12Подвикнуваат при тимпани и гусли и се веселат со свирки;
13ги поминуваат деновите во добро и во еден миг слегнуваат во гроб.
14А меѓутоа, Му велат на Бога: – ‚Отстрани се од нас, не сакаме да знаеме за Твоите патишта!
15Што е Вседржителот, та да му служиме? И каква полза има да прибегнуваме кон Него?‘
16Гледаш, доброто нивно не е од нивните раце. – Но далеку е од мене советот на нечестивите!
17Често згаснува светилката кај беззакониците и ги сполетува зло, а Он во гневот Свој ги дарува со страдања?
18Тие треба да бидат како сламка пред ветар и како плева, завеана од виор.
19Ќе речеш: ‚Бог го чува злото негово за неговите деца. – Нека му воздаде Он на него самиот, за да го знае тој тоа.‘
20Нека очите негови го видат злото негово; и сам нека пие од гневот на Вседржителот.
21Зашто, што му е грижа за домот негов, кога бројот на месеците негови ќе се сврши?
22Но Бога ли ќе Го учиме на мудрост кога им суди на горните?
23Еден умира во најголема сила своја, сосема спокоен и мирен;
24внатрешнината му е полна со маст, и коските му се напоени со мозок.
25Друг, пак, умира со огорчена душа, без да вкуси добро.
26И еден до друг лежат во земјата и црви ги покриваат.
27Ги знам вашите мисли и судови, што ги кроите против мене.
28Вие велите: ‚каде е кнезовиот дом, каде е шаторот, во кој живеат беззакониците?‘
29Зар не сте ги распрашувале патниците и не сте запознаени ли со нивните забележувања,
30дека во денот на смртта безбожникот бива поштеден; во денот на гневот се одведува настрана?
31Кој ќе му го прекори пред лицето негово неговиот пат, и кој ќе му врати за она што го вршел тој?
32Го спроведуваат до гробиштата и во гробот свој останува тој.
33Лесни се за него земјените грутки; по него одат многу луѓе, а оние што отишле пред него број немаат.
34Како тогаш сакате да ме утешите со суета? Во одговорите ваши останува само измама.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
