1Случајно таму се наоѓаше еден лош човек, по име Савеј, син Вохоров, тај затруби со труба и рече: »За нас нема дел со Давида и нема за нас наследство со Јесеевиот син; Израилци, сите во шаторите!«
2И сите Израилци се одделија од Давида и отидоа по Савеј, синот Вохоров, а Јудејците останаа од страната на царот свој, од Јордан до Ерусалим.
3Давид дојде во домот свој во Ерусалим; и ги зеде царот десетте жени наложници, што ги беше оставил да ја чуваат куќата; ги смести во одделна куќа под надзор; ги хранеше, но не одеше при нив. И тие престојуваа таму сѐ до смртта своја и живееја таму како вдовици.
4А Давид му рече на Амесај: »Свикај ги за три дни Јудејците при мене и ти самиот дојди тука!«
5И Амесај отиде да ги свика Јудејците, но се задржа повеќе од одреденото време.
6Тогаш Давид му рече на Амесаја: »Вохоровиот син Савеј сега ќе ви донесе повеќе зло, отколку Авесалом; земи ги слугите на господарот свој и следи го, да не би да најде утврдени градови и да се сокрие од очите наши.«
7И излегоа по него Јоавовите луѓе, и Хелетејците и Фелетејците, и сите јунаци тргнаа од Ерусалим да го прогонуваат Вохоровиот син Савеј.
8А кога се доближија до големиот камен, што е при Гаваон, ги сретна Амесај. Јоав беше облечен во воената облека своја и препашан со меч, кој висеше на колкот во ножница и кој лесно се вадеше од неа и влегуваше.
9Јоав му рече на Амесаја: »Здрав ли си, брате?« Јоав ја фати со десната рака своја брадата на Амесаја, за да го бакне.
10Амесај, бидејќи не се претпази од мечот, што беше во раката на Јоава, и тој го прободе со него во стомакот, така што внатрешнината му се истури на земја, а не го удри по вторпат, и тој умре. Јоав и братот негов Авеса го подгонија Савеја, Вохоровиот син.
11Еден од Јоавовите слуги стоеше над Авесаја и велеше: »Кој му е верен на Јоава и кој е за Давида, нека оди по Јоава!«
12А умрениот Амесај лежеше во крвта среде патот. И тој човек, гледајќи, дека сите луѓе се запираат над него, го одвлече Амесаја од патот во полето и стави врз него облека, бидејќи виде, оти секој, што минуваше, се запираше над него.
13Но кога тој беше одвлечен од патот, сиот народ Израилев тргна по Јоава да го гони Савеја, Вохоровиот син.
14А тој мина низ сите Израилски племиња до Авел и Вет-Мах и преку целиот Берим; и сите жители од градовите се собираа и одеа по него.
15И дојдоа и го опсадија Авел и Вет-Мах; издигнаа насип пред градот, се приближија до ѕидот, и сите луѓе што беа со Јоава, напнаа да го соборат ѕидот.
16Тогаш една умна жена извика од градскиот ѕид: »Чујте, чујте, кажете му на Јоава да дојде ваму, и јас ќе поразговарам со него.«
17Јоав се приближи до неа, и жената праша: »Ти ли си Јоав?« И тој одговори: »Јас сум.« Таа рече: »Чуј ги зборовите на слугинката твоја.« А тој одговори: »Слушам«.
18Таа рече: »Едно време велеа: кој сака да праша, нека праша во Авел; и така го решаваа делото. Има ли уште такви, кои се решиле да останат верни Израилци? Нека прашаат во Авел, има ли уште?
19Јас сум од мирните, верни градови израилски, а ти сакаш да го сосипеш градот, и тоа мајката (на градовите) во Израилот. Зошто да го разурнуваш наследството Господово?«
20Јоав одговори и рече: »Далеку е од мене да сосипувам или да разурнувам!
21Тоа не е така; но еден човек од Ефремовата гора, по име Савеј, синот Вохоров, крена рака против царот Давида; само него дајте ми го, и јас ќе отстапам од градот«. А жената му рече на Јоава: »Еве, неговата глава ќе ти биде фрлена од ѕидот.«
22Жената отиде пред сиот народ со умните зборови свои и му зборуваше на целиот град да му ја пресечат главата на Савеј, Вохоровиот син. И му ја пресекоа главата на Савеј, Вохоровиот син, и му ја фрлија на Јоава. Тогаш Јоав затруби со труба, и сите луѓе се разотидоа од градот по шаторите свои; а Јоав се врати во Ерусалим при царот.
23Јоав беше поставен над сета израилска војска, додека Ванеја, Јодаевиот син, над Хелетејците и над Фелетејците;
24Адорам – над даноците; Јосафат, Ахилудовиот син, – за летописец;
25Суса – за писар; Садок и Авијатар – за свештеници;
26исто така и Ирас Јаирецот беше свештеник при Давида.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.