Римјаните 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Како треба да се поднесуваат слабите и да не се соблазнуваат браќата.

1Слабиот во вера примајте го без расправии за мислењата,

2оти некој верува дека може да јаде сѐ, а немошниот јаде зелје.

3Кој јаде, нека не го укорува оној, што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној, што јаде, бидејќи Бог го примил.

4Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои или паѓа. Но ќе биде исправен, зашто Бог е моќен да го исправи.

5Така, еден разликува ден од ден, а друг сите денови ги смета еднакви. Секој нека остане уверен во својата мисла.

6Оној, што ги разликува деновите, ги разликува за Господа; и кој не ги разликува деновите, за Господа не ги разликува. Кој јаде, за Господа јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господа не јаде, и Го фали Бога.

7Зашто никој од нас не живее за себеси и никој не умира за себеси;

8туку, живееме ли – за Господа живееме, умираме ли – за Господа умираме; според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме.

9Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживе, за да господари и над мртвите и над живите.

10А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов.

11Оти е напишано: »Жив сум Јас, вели Господ, пред Мене ќе се преклони секое колено и секој јазик ќе Го исповеда Бога«.

12И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе.

13Затоа, пак, да не судиме еден друг, а подобро судете за тоа – на брата си да не му поставувате сопка или соблазан.

14Знам и уверен сум преку Господа Исуса Христа дека нема ништо нечисто само по себе; освен кога некој мисли дека е нешто нечисто, за него тоа е нечисто.

15А ако, пак, братот твој е огорчен поради јадење, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со своето јадење оној, за кого Христос умре.

16Гледајте да не се хули на вашето добро.

17Оти царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух.

18Зашто, оној кој Му служи на Христа со овие работи, тој Му е угоден на Бога и мил на луѓето.

19И така, да го бараме она, што служи за мир и заемно подобрување еден на друг.

20Поради јадење не уривај го делото Божјо. Сѐ е чисто, а тешко е за оној човек, кој јадејќи се соблазнува;

21подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо, од кое братот твој се сопнува, или се соблазнува, или, пак, слабее.

22Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога. Блазе на оној, кој не се осудува себеси за она што нашол дека е добро.

23А кој се сомнева, ако јаде, осуден е; зашто не јаде со вера; а сѐ што не е според верата, грев е.

24А на оној, Кој може да ве утврди според моето благовестие и проповедта за Исуса Христа, според откровението на тајната што е замолчувана досега од вечни времиња,

25а објавена сега, преку Писмата пророчки, и по заповед на вечниот Бог известена на сите народи поради покорност на верата,

26односно на Единиот премудри Бог, а преку Исуса Христа, нека е слава во сите векови. Амин!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help