Исус Навин 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Раав спасува два израилски извидника.

1Исус, синот Навинов, испрати тајно од Ситим двајца млади луѓе и им рече: »Отидете, разгледајте ја замјата и градот Јерихон!« И двете момчиња отидоа и влегоа во Јерихон во куќата на една блудница, по име Раав, и останаа да ноќеваат таму.

2Тогаш му јавија на Јерихонскиот цар: »Ете, некои луѓе од синовите Израилеви дојдоа тука ноќеска, за да ја разгледаат земјата.«

3Јерихонскиот цар испрати да ѝ кажат на Раав: »Изведи ги луѓето, што влегоа во твојот дом, бидејќи дошле да ја разгледаат целата земја.«

4Не жената ги зеде оние двајца луѓе, ги сокри и рече: »Дојдоа, навистина, кај мене луѓе, но јас не знам од каде беа тие;

5кога, пак, на стемнување требаше да се затворат портите, тие излегоа; не знам каде отидоа; трнете веднаш по нив, ќе ги стигнете.«

6А самата ги одведе на покривот и ги сокри во нечешлан лен, распростран кај неа на таванот нејзин.

7Испратените тргнаа потоа по патот кон Јордан до самиот брод, а портите се затворија веднаш кога тргна потера по нив.

8Пред да легнат да спијат, Раав се качи кај нив на покривот

9и им рече: »Знам, дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас;

10зашто чувме, дека Господ Бог ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сион и Ог, кои сте ги погубиле.

11Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во никого од нас не остана дух против вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу;

12И така, заколнете ми се во Господа, вашиот Бог, дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак:

13оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.«

14Тие луѓе ѝ рекоа: »Душата наша ќе ја предадеме на смрт, само сега да не нѐ предадеш.« А таа рече: »Кога Господ ви го предаде овој град, бидете спрема мене милостиви и верни.«

15И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше на карпа и таа живееше на карпата;

16и им рече: »Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.«

17А луѓето ѝ рекоа: »Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака:

18ете, кога ќе дојдеме во овој градски крај, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе таткото твој, мајката твоја и браќата твои и целиот татков дом;

19и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив;

20ако, пак, некој нѐ навреди или ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.«

21Таа одговори: »Нека биде според зборовите ваши!« И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже.

22Тие тргнаа и отидоа во планината и останаа таму три дена, додека се врати потерата. Гонителите ги бараа по целиот пат и не ги најдоа.

23И се вратија обајцата млади луѓе, слегоа од планината, го минаа Јордан и отидоа кај Исуса, синот Навинов и му кажаа сѐ што им беше станало.

24И му рекоа на Исуса: »Господ, нашиот Бог, ја предаде целата таа земја во наши раце, и сите жители на таа земја се уплашени од нас.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help