1»Не правете ракотворни образи, ни делкани; и не издигајте столб и не поставувајте во земјата камења со знаци, за да им се клањате, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.
2Пазете ги Моите саботи и бојте се од Моите светињи, Јас сум Господ.
3Ако постапувате според Моите повелби и ги запазувате Моите наредби, и ги исполнувате,
4ќе ви дадам дожд во свое време, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод,
5и вршидбата ќе трае кај вас до гроздоберот, гроздоберот ќе трае до сеидбата, и ќе го јадете својот леб до наситка и ќе се настаните на земјата ваша со сигурност, и војна нема да мине по целата ваша земја.
6Ќе ѝ дадам мир на земјата ваша, ќе спиете и никој нема да ве обеспокојува, ќе ги истребам лутите ѕверови од земјата ваша;
7војна нема да мине преку вашата земја. Па ќе ги гоните непријателите ваши, и тие од меч ќе паднат убиени пред вас;
8петмина од вас ќе прогонуваат сто души, и стотина од вас ќе прогонуваат илјадници, и непријателите ваши ќе паднат од меч пред вас.
9Ќе погледам на вас и ќе ве благословам, ќе ве расплодам плодни, ќе ве умножам и ќе го поставам заветот Мој со вас.
10И ќе јадете од старото и од постарото и старото ќе го исфрлите поради новото.
11Ќе ја поставам скинијата Моја меѓу вас, и душата Моја нема да се гнаси и одвраќа од вас.
12Ќе се движам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ.
13Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја, каде што бевте таму робови, и ги скршив врските на јаремот ваш и ве изведов охрабрени.
14Ако, пак, не Ме слушате и не ги исполнувате овие Мои повелби,
15и не им се покорувате, и ако душата ваша вознегодува од Моите закони, и со тоа што нема да ги испонувате сите Мои заповеди, за да го нарушите заветот Мој, –
16тогаш и Јас ќе постапам со вас вака – ќе ви пратам скудност, красти и жолтица, од кои ќе ослабат очите ваши и ќе се измачува душата ваша, па ќе сеете семе залудо, зашто непријателите ваши ќе го јадат.
17Ќе го свртам лицето Мое против вас и ќе паднете пред непријателите ваши; над вас ќе владеат непријателите ваши, и ќе бегате дури и кога никој не ве гони.
18Ако и покрај сето ова не Ме послушате, седумпати ќе ја зголемам казната за гревовите ваши;
19ќе ја скршам вашата тврдоглавост, ќе го направам небото ваше како железо, и земјата ваша како бакар;
20па залудо ќе се истоштува силата ваша, и земјата ваша нема да го дава својот плод, и дрвјата на земјата ваша нема да раѓаат плодови свои.
21Ако, пак, и потоа тргнете настрана и не ќе сакате да Ме слушате, ќе ви нанесам седумкратни удари поради гревовите ваши;
22ќе испратам против вас лути земни ѕверови, кои ќе ве изедат, ќе го уништат добитокот ваш и ќе ве намалат, така што ќе се запустат патиштата ваши.
23Ако и потоа не се поправите и тргнете против Мене,
24тогаш и Јас ќе тргнам против вас со јарост и ќе ве поразам седумкратно за гревовите ваши.
25И ќе испратам против вас одмаздувачки меч за одмазда поради заветот; ако, пак, избегате по градовите ваши, ќе испратам на вас помор и ќе бидете предадени во рацете на непријателот.
26Ќе оскудевате за леб; десет жени ќе го печат лебот ваш во една печка и ќе ви даваат леб со мерка; ќе јадете и нема да се наситите.
27Ако и покрај сево ова не Ме послушате и тргнете против Мене,
28и Јас ќе тргнам против вас со гнев и седумкратно ќе ве казнам според гревовите ваши,
29и ќе ги јадете телата на синовите свои, и телата на ќерките ваши ќе ги јадете.
30Ќе ги разрушам жртвениците ваши, ќе ги разрушам ракотворните столбови ваши и ќе ги фрлам труповите ваши врз урнатините од идолите ваши, и душата Моја ќе се одврати од вас.
31Градовите ваши ќе ги претворам во пустињи и ќе ги опустошам светињите ваши, и нема да примам благопријатен мирис од жртвите ваши.
32Ќе ја запустам земјата ваша, така што ќе се чудат над неа непријателите ваши, што ќе живеат во неа;
33вас, пак, ќе ве растурам меѓу народите и ќе ве истреби мечот што ќе дојде; земјата ваша ќе биде пуста, и градовите ваши – разрушени.
34Тогаш земјата ќе се вознагради за своите саботи преку сите денови, додека биде пуста; а вие ќе бидете во земјата на непријателите ваши; земјата ќе си почива и ќе се вознагради за своите саботи;
35таа ќе почива за сето време додека ќе биде пуста, што не почиваше за сите саботи ваши кога живеевте во неа.
36А на оние од вас што ќе останат, ќе им всадам страв во срцата во земјата на непријателите нивни, па и шумот од развеан лист ќе ги прогонува; ќе бегаат како од меч, и ќе паѓаат кога и никој не ги гони.
37И брат брата ќе презира и кога никој нема да ве напаѓа; не ќе имате сила да им се противставувате на непријателите ваши;
38ќе загинете меѓу народите, и ќе ве проголта земјата на непријателите ваши;
39а другите од вас ќе истлеат поради беззаконијата свои во земјите на непријателите ваши и поради беззаконијата на татковиците ваши ќе исчезнат.
40Тогаш ќе ги исповедаат беззаконијата свои и беззаконијата на татковците свои, заради тоа што Ме презреа, престапија и станаа против Мене;
41поради кое и Јас ќе станам со јарост против нив и ќе ги погубам во земјата на непријателите нивни; тогаш ќе се засрами нивното необрезано срце, и тогаш ќе се сетат за гревовите свои.
42И Јас ќе си спомнам за заветот Мој со Јакова, и на заветот Мој со Исака, и на заветот Мој се Авраама,
43и на земјата ќе се сетам и земјата ќе биде напуштена од нив и земјата ќе се вознагради за своите саботи, откако ќе биде испразнета од нив, и тие ќе ја добијат својата казна за беззаконијата свои, затоа што ги презреа законите Мои и душата нивна вознегодува поради наредбите Мои.
44Но кога тие ќе бидат во земјата на непријателите свои, – Јас нема да ги презрам, и нема да се налутам на нив толку, за да ги истребам и да го раскинам Мојот завет со нив, зашто Јас сум Господ, Бог нивни.
45Ќе се сетам на заветот прв, кога ги изведов од Египетската земја од домот на ропството пред очите на народите, за да им бидам Бог. Јас сум Господ.«
46Тоа се наредбите, заповедите и законот кои Господ им ги даде на синовите Израилеви преку Мојсеја на планината Синај.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.