1И ѝ рече Јелисеј на жената, чиј син беше воскреснал: »Стани и оди, ти и твојот дом и склони се таму, каде што можеш да поживееш, зашто Господ повика глад, и тој ќе трае во оваа земја седум години.«
2Стана таа жена, и постапи според зборот на Божјиот човек: отиде таа и нејзиниот дом, и живееше во филистејската земја седум години.
3Откако изминаа седум години, се врати таа жена од Филистејската земја и дојде да го моли царот за куќата своја и нивата своја.
4Царот тогаш разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек, и му рече: »Раскажи ми сѐ што е позабележливо, што го извршил Јелисеј.«
5А во тоа време, кога тој му раскажуваше на царот, дека Јелисеј оживеал еден умрен, – жената, чиј син беше воскреснат, го молеше царот за куќата своја, и нивата своја. Тогаш Гиезиј рече: »Господару мој, цару, таа е истата жена и овој е истиот син нејзин, кого Јелисеј го оживе.«
6Царот ја праша жената, и таа му раскажа. И ѝ даде царот еден од царедворците и рече: »Да ѝ се врати сѐ што е нејзино и сите приходи од нивата, од оној ден, кога ја напуштила земјата, до сега.«
7И дојде Јелисеј во Дамаск, кога сирискиот цар Адад беше болен. Му јавија на Адада и рекоа: »Тука дојде Божјиот човек.«
8Тогаш царот му рече на Азаила: »Земи в рака дар и оди, пречекај го Божјиот човек и прашај го преку него Господа, велејќи: ‚ќе оздравам ли од оваа болест?‘«
9Азаил отиде да го пречека и заде в рака дар и сѐ што е најдобро во Дамаск, колку што можат да носат четириесет камили, па отиде и застана пред лицето негово и му рече: »Твојот син Адад, сирискиот цар, ме испрати при тебе да прашам: ‚ќе оздравам ли од оваа болест?‘«
10Јалисеј му одговори: »Оди и кажи му: ќе оздравиш. Меѓутоа, Господ му јави, дека тој ќе умре.«
11И го управи Јелисеј врз него погледот свој, а тој стоеше, додека оној се занесе; и заплака Божјиот човек.
12И Азаил праша: »Зошто плаче господарот мој?« А тој одговори: »Затоа што знам, какво зло ќе им направиш на Израилевите синови: тврдините нивни на оган ќе ги предадеш, момците нивни со меч ќе ги погубиш, цицалчињата нивни ќе ги избиеш и непразните жени нивни ќе ги расечеш.«
13И му рече Азаил: »Што е твојот слуга? Дали е куче та да може да направи така страшни работи?« Јелисеј му одговори: »Господ ми го покажа во тебе царот на Сирија.«
14Тој си отиде од Јелисеја и дојде при господарот свој. И тој го праша: »Што ти зборуваше Јелисеј?« Тој одговори: »Ми кажа дека ќе оздравиш.«
15На другиот ден, меѓутоа, Азаил ја зеде завивката, ја натопи во вода и ја стави врз лицето негово, и царот умре. И наместо него стана цар Азаил.
16По јудејскиот цар Јосафат, стана цар Јосафатиовиот син Јорам, цар јудејски – во петтата година на Ахавовиот син Јорам, цар израилски.
17Тој беше на триесет и две години, кога стана цар, и царуваше осум години во Ерусалим;
18и одеше по патот на израилските цареви, како што постапуваше Ахавовиот дом, бидејќи Ахавовата ќерка му беше жена и го правеше она што не беше угодно пред очите на Господа.
19Но, Господ не сакаше да го погуби Јуда, заради својот слуга Давида, зашто Он беше ветил да му даде светило меѓу децата негови за сите времиња.
20Во неговите дни Едом се измолкна од раката на Јуда и си постави цар.
21И отиде Јорам во Саир, и сите коли со него; стана тој во една ноќ и ги порази Идумејците, што го опколуваа, и заповедниците на колите, но народот избега во шаторите свои.
22И се спаси Едом од раката на Јуда до ден денес. Во исто време се измолкна и Ливна.
23Другото за Јорама и сѐ што извршил, е опишано во летописите на јудејските цареви.
24И почина Јорам при татковците свои, и беше погребан при татковците свои во Давидовиот град. А место него стана цар синот негов Охозиј.
25Охозиј, син на јудејскиот цар Јорама, стана цар во данаесеттата година на Ахавовиот син Јорама, израилски цар.
26Охозиј беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше една година во Ерусалим. А мајка му се викаше Готолија, ќерка на израилскиот цар Амвриј.
27Тој одеше по патот на Ахавовиот дом и го правеше она што не беше угодно пред очите на Господа, како Ахавовиот дом, зашто беше во роднинство со Ахавовиот дом.
28Тој отиде со Ахавовиот син Јорама во војна против сирискиот цар Азаил во Рамот Галадски, и Сиријците го ранија Јорама.
29И царот Јорам се врати да се лекува во Језраел од раните, што му ги нанесоа Сиријците во Рамот, кога војуваше против сирискиот цар Азаил. И Охозија, Јорамовиот син, јудјски цар, дојде да го посети Ахавовиот син Јорама во Језраел, бидејќи беше болен.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.