Исаија 23 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Разурнувањето и обновувањето на Тир во слава Божја.

1Пророштвото за Тир. – Плачете тарсиски кораби, зашто тој е разрушен: нема куќи и нема кој да влегува во куќите. Тоа им беше соопштено од земјата Китијска.

2Молкнете жители на островот, што го полнеа сидонските трговци, пловејќи по море.

3По големи води се пренесуваат во него житата на Сихор, жетвата на големата река; тој беше пазариште на народите.

4Засрами се, Сидоне: зашто, еве што вели морето, морската тврдина: како да не сум се мачела со родилни маки и да не сум раѓала, како да не сум одгледувала момци, ниту израснувала моми.

5Кога ќе стигне веста до Египјаните, тие ќе затреперат штом ќе чујат за Тир.

6Преселувајте се во Тарсис, плачете, жители на островот!

7Тоа ли е вашиот град кој ликува, чиј почеток е од древните дни? Нозете негови го носат, да се скита далеку во туѓина.

8Кој го одреди тоа за Тир, што раздаваше венци, чии купувачи беа кнезови, а трговците негови – најпрочуени во земјата?

9Господ Саваот го одреди тоа, за да посрами секоја горда слава, за да ги понизи сите најпрочуени во земјата.

10Оди по земјата своја, тарсиска ќерко, како реката: нема повеќе пречки.

11Он ја протегна раката врз морето, затресе царства; Господ додаде повелба за Ханан – да ги разруши тврдините негови,

12и рече: »Нема повеќе да ликуваш, посрамена девице, ќерко Сидонска, оди во Китин, но и таму нема да имаш мир.«

13Ете ја земјата на Халдејците. Тој народ порано го немаше; Асур му стави почеток од пустински жители. Тие ги издигаа кулите свои, ги соборуваат дворците негови, го претвораат во урнатини.

14Плачете, кораби тарсиски, зашто вашата тврдина е разрушена.

15И во тој ден ќе го заборават Тир за седумдесет години, колку се деновите на еден цар. А по седумдесетте години ќе се пее за Тир, како што се пее за блудница:

16»Земи гитара, тргни по градот, блуднице заборавена! Свири убави, пеј многу песни за да се сеќаваат на тебе.«

17И ете, по седумдесет години Господ ќе го посети Тир; и тој пак ќе земе да ја добива печалбата своја и ќе блудствува со сите земни царства по целата вселена.

18Но трговијата негова и печалбата му ќе бидат посветувани на Господа; нема да бидат затворени и натрупани во клетови, зашто печалбата од трговијата негова ќе преминува на оние што живеат пред лицето на Господа, за да јадат до наситување и да имаат трајни облеки.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help