Проповедник 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Добро е да се биде мудар.

1Подобро е добар глас, отколку скапоцен елеј, и смртниот ден – од родениот ден.

2Подобро е да одиш во куќа каде што плачат по умрен, отколку да отидеш во куќа, каде што се гоштева, зашто таков е крајот на секој човек, и животот ќе го приложи тоа кон срцето свое.

3Тагата е подобра од смеата; зашто, кога е лицето нажалено, срцето станува подобро.

4на умните срцето им е во куќата, каде што плачат, а на безумните во куќа, каде што се веселат.

5Подобро е да слушаш прекор од мудар, отколку да слушаш песни на безумен;

6зашто смеата на безумните е како прскање на трње под котел. И тоа е суета!

7Клеветењето го избезумува мудриот, а подароците го расипуваат срцето.

8Крајот на една работа е подобар од почетокот нејзин; трпеливиот е подобар од горделивиот.

9Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот почива во пазувите на безумните.

10Не вели: »Зошто поранешните дни биле подобри од сегашните?«, оти не е мудро да прашуваш за тоа.

11Добра е мудроста, како и наследството, особено за оние, што го гледаат сонцето,

12зашто под нејзината сенка е исто, како под сенката на сребро; но предимството на знаење е тоа, што мудроста му дава живот на оној, што ја има.

13Погледај ги Божјите дела: кој може да го исправи она, што Бог го направил криво?

14Во добро време ползувај се со доброто, а во зли дни размислувај: едното и другото го направил Бог, за да не може човекот да каже ништо против Него.

15Се нагледав на сѐ во моите суетни дни: праведниот загинува во својата праведност; нечесниот живее долго во нечесноста своја.

16не бивај строг и немој да се покажуваш за многу умен, за да не се избезумиш.

17Не се предавај на грев и не станувај жесток; зошто да умреш предвреме?

18Добро е, ако се држиш за едното но и друго да не испушташ од раката своја; зашто, кој се бои од Бога, ќе се избави од сето тоа.

19Мудроста го крепи мудриот повеќе од десет кнезови што се во градот.

20Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако да не греши;

21затоа не обрнувај внимание на секој збор, што се кажува, за да не го чуеш и слугата свој, кога те навредува;

22зашто срцето твое знае многу работи, кога и ти самиот си навредувал други.

23Сето тоа го испитав со мудрост; јас реков: »Ќе бидам мудар«, но мудроста е далеку од мене.

24А она што е така далеку и многу длабоко: кој ќе го испита?

25Се свртив со срцето свое, за да ги дознаам, изучам и истражам мудроста и разумот, и да го познаам безумието на нечестивиот, и жестокоста и лукавството,

26и најдов, дека погорчливо до смртта е жената, зашто таа е мрежа, срцето нејзино – стапица, рацете нејзини – окови; добриот пред Бога ќе се спаси од неа, а грешникот ќе биде уловен од неа.

27»Ете, тоа најдов јас – рече Проповедникот – испитувајќи едно по друго.«

28Што уште бараше душата моја, и не го најде? – Маж најдов еден на илјада, но жена меѓу сите нив не најдов.

29Само, ете, тоа го најдов, дека Бог го направил човекот добар, но луѓето се впуштаат во многу мудрувања.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help