1Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата.
2Затоа и воздишуваме, копнеејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште;
3само, да не би и облечени, да се најдеме голи.
4Оти, ние кои се наоѓаме во овој шатор, воздишуваме обременети; бидејќи не сакаме да се соблечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното.
5А Бог, Кој нѐ создаде токму за ова, ни даде и залог на Духот.
6И така, секогаш сме спокојни, зашто знаеме дека, додека живееме во телото, ние се оддалечуваме од Господа,
7бидејќи според верата живееме, а не според гледањето.
8Но не се плашиме и сакаме што поскоро да го напуштиме телото и да се прибереме при Господа.
9Па затоа и усрдно се грижиме да Му бидеме угодни, било кога живееме во телото, било кога го напуштаме;
10зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло.
11И така, знаејќи го стравот од Господа, ние ги вразумуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надеваме дека сме познати и на вашите совести.
12Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние, кои се фалат по лице, а не по срце.
13Ако сме претерале во пофалбите свои, тоа е заради Бога; ако сме умерени, тоа е поради вас.
14Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени.
15А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна.
16Затоа ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христа Го познаваме по телото, но сега веќе не Го познаваме.
17И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сѐ стана ново.
18А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Исуса Христа и ни го даде служењето на тоа измирување.
19Оти Бог го измири светот со Себе преку Христа, не земајќи ги предвид гревовите на луѓето, и го вложи во нас словото на измирување.
20Па така, ние сме пратеници место Христа, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога!
21Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Он место нас Го направи грев, та преку Него да станеме правда Божја.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
