Рута 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Рут со Ноемина патува во Ерусалим.

1Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во Моавските полиња, заедно со жена си и двајцата синови свои.

2Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му – Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Хелеон: тие беа од Еуфрат, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во Моавските полиња и останаа таму.

3Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои.

4Тие си зедоа за жени Моавки, – на едната името ѝ беше Орфа, а на другата – Рут; и живееја таму околу десет години.

5Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Хелеон, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој.

6Тогаш таа се крена со снаите свои и се врати од Моавските полиња, бидејќи беше чула во Моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб.

7И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во Јудејската земја,

8Ноемин им рече на двете свои снаи: »Одете и вратете се секоја во татковата си куќа; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене!

9Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!« И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па

10ѝ рекоа: »Не, ние ќе се вратиме со тебе при твојот народ.«

11А Ноемин рече: »Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зар уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи?

12Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж‘, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови,

13ќе можете ли да чекате, додека да пораснат? Можете ли да се одржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Господова ме порази.«

14Тие повикаа и пак заплакаа. И Орфа се прости со свекрвата своја и се врати при родот свој, а Рут остана со неа.

15Ноемина ѝ рече на Рут: »Ете, јатрвата ти се врати при родот свој и при боговите свои; врати се и ти по јатрвата своја.«

16Но Рут одговори: »Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; но каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живем и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог;

17и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ми го направи тоа и нешто повеќе нека додаде; само смртта ќе ме раздели од тебе.«

18Ноемина, откако виде дека таа цврсто е решена да отиде со неа, престана да ѝ зборува.

19И одеа тие двете, додека стигнаа до Витлеем, целиот град се раздвижи поради нив, и рекоа: »Ова ли е Ноемина?«

20Таа им рече: »Не ме викајте Ноемина, викајте ме Мара, зашто Седржителот ми испрати голема горчевина.

21Јас излегов одовде заможна, а Господ ме врати со празни раце: зошто да ме викате Ноемин, кога Господ ме принуди да страдам, и Седржителот ми испрати несреќа?«

22И Ноемина се врати, а заедно со неа и снаата нејзина, Моавката Рут, кој дојде од Моавските полиња; тие пристигнаа во Витлеем, кога беше почнала јачменовата жетва.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help