1Молкнете пред Мене, острови, и нека народите ги обноват силите свои; нека се приближат и нека речат: да излеземе заедно на суд.
2Кој Го издига од исток Праведникот, кој Го повикува да оди пред Него? Кој Му ги предаде народите и Му ги покори царевите? Он ги претвори во прав со Неговиот меч, со Неговиот лак – во плева, развеана од ветар.
3Он ги гонеше, одеше спокојно по патот, по кој никогаш не беше одел со нозете свои.
4Кој го направи и изврши тоа? Оној, Кој во почетокот ги повика родовите; Јас, Господ, Јас сум првиот, и меѓу последните – Јас сум истиот.
5Островите видоа и се ужасија, краиштата земни затреперија. Тие се зближија и се собраа;
6секој му помага на другарот свој и му вели на братот свој: »Држи се!«
7Ковачот го бодри леарот; кој ги сплескува со чекан листовите, му одобрува на оној, што кова на ковална, велејќи за спојката: »добра е«; и ја зацврстува со клинци, за да биде цврста.
8»А ти, ти Израиле, слуго Мој, Јакове, кого Јас те избрав, семе на Авраама, пријателе Мој,
9ти, кого го зедов од краиштата на земјата и го повикав од краиштата нејзини, и ти реков: Ти си Мој слуга, Јас те избрав и нема да те отфрлам.
10Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не се вознемирувај, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со десницата на Мојата правда.«
11Ете, постидени и засрамени ќе останат сите, што се наежени против тебе, – ќе бидат како ништо и ќе загинат оние што се препираат со тебе.
12Ќе ги бараш – и нема да ги најдеш, нив, кои непријателствуваат против тебе; кои се борат со тебе; ќе бидат како ништо, наполно ништо;
13зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака, ти велам: »не плаши се, Јас ти помагам.«
14»Не се плаши, црву Јакове, малуброен Израиле, – Јас ти помагам, вели Господ, Јас твој Искупител, Светецот Израилев.«
15Ете, Јас ќе ти направам остар дикел, нов, назабен; ти ќе ги кршиш и ќе ги ситниш планините, и ридовите ќе ги направиш како прав.
16Ти ќе вееш, ветрот ќе ги разнесе, и виорот ќе ги развее; а ти ќе се зарадуваш во Господа, ќе се фалиш со Светецот Израилев.
17Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Израилев, нема да ги оставам.
18Ќе отворам реки на врвот од горите и извори среде долини; пустињата ќе ја направам езеро и сувата земја – водни извори;
19ќе насадам во пустиња кедар, ситим, мирта и маслинка, ќе насадам во степите кипарис, јавор и бука наедно,
20за да видат и познаат, и да ги разгледаат и разберат, дека раката Господова го направи тоа, дека Светецот Израилев го создаде тоа.
21Претставете го делото свое, вели Господ; дајте ги доказите свои, вели Царот Јаковов.
22Нека дојдат и нека ни кажат што ќе биде; нека објават нешто, пред да стане, и ние ќе проникнеме со умот свој и ќе дознаеме, што ќе биде потоа, или нека ни претскажат за иднината.
23Кажете што ќе биде во иднина, и ние ќе познаеме дека сте богови, или направете нешто добро или лошо, за да се зачудиме и заедно со вас да видиме.
24Но вие сте ништо, и делото ваше е ништожно; одвратен е оној што ве избра.
25Јас го подигнав од север, и тој ќе дојде; од изгрев сонце ќе го повикува името Мое и ќе ги гази кнезовите како кал, и ќе ги гази, како грнчар глината.
26Кој објави за тоа од почетокот, за да знаеме, и многу порано, за да можеме да кажеме: »навистина?« Но никој не кажал, никој не објавил, никој не ги чул вашите зборови.
27Јас прв реков на Сион: »ете го, и му дадов на Ерусалим благовесник.«
28И така, Јас гледав, и немаше никого, меѓу нив не се најде советник, за да можам да ги прашам, и тие да одговорат.
29Ете, сите тие се ништо, ништожни се и делата нивни: ветар и ништожност се нивните идоли.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.