1По смртта на Мојсеја, слугата Господов, Господ му рече на Навиновиот син Исуса, служител на Мојсеја, велејќи:
2»Мојсеј, слугата Мој умре; затоа сега стани, мини преку оној Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, која Јас им ја давам, на синовите Израилеви.
3Секое место, на кое ќе стапнат стапалата на вашите нозе, вам ви го давам, како што му реков на Мојсеја:
4од пустињата и од Антиливан дури до големата река, реката Еуфрат, целата земја Хетејска, и до големото море на запад ќе бидат ваши предели.
5Никој нема да устои пред тебе преку сите денови на твојот живот; и како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам.
6Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во наследство за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам;
7само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази го и извршувај го сѐ она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно со сѐ што ќе преземаш.
8Да не се одделува од устата твоја ова книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш.
9Еве, ова ти заповедам Јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.«
10Тогаш Исус им заповеда на управителите народни и рече:
11»Влезете меѓу народот и заповедајте им на луѓето и кажете им: пригответе си храна за пат, зашто по три дена ќе ја минете реката Јордан, и ќе влезете да ја преземете земјата, која Господ, Бог на вашите татковци, ви ја дава во наследство.«
12А на племето Рувимово, Гадово и на полуплемето Манасиево Исус им рече:
13»Спомнете си, што ви заповеда Мојсеј, слугата Господов, велејќи: ‚Господ, вашиот Бог ве успокои и ви ја даде оваа земја;
14жените ваши, децата ваши и добитокот ваш нека останат во земјата, која Мојсеј ви ја даде од оваа страна на Јордан; а вие храбрите, што можете да војувате, тргнете вооружени пред браќата ваши и помагајте им,
15додека Господ, вашиот Бог, не ги успокои браќата ваши, како и вас; додека и тие не ја наследат таа земја, која Господ, вашиот Бог, им ја дава; тогаш вратете се во наследствоот свое и земете ја земјата, која Мојсеј, слугата Господов, ви ја даде од оваа страна на Јордан спрема исток.‘«
16Тие му одговорија на Исуса: »Сѐ што ни заповедаш, ќе направиме, и каде и да не праќаш, ќе одиме;
17како што го слушавме Мојсеја, така ќе те слушаме и тебе; само Господ, твојот Бог, да биде со тебе, како што беше со Мојсеја;
18секој, што ќе се противи на твојата заповед и не ги послуша зборовите твои во сѐ, што и да му заповедаш, ќе биде погубен. Само биди цврст и храбар!«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.