1Мудроста ќе се прослави; меѓу народот свој ќе биде пофалена.
2Во собирот на Севишниот устата своја ќе ја отвори и пред Неговите сили таа ќе се прослави:
3»Излегов од устата на Севишниот и како пареа ја покрив земјата;
4во висините шатор раширив; престолот мој во столбот од облак го поставив;
5кругот небески го изминав, одев во длабините на бездната.
6Мојата власт е над морските бранови и над сета земја, над секој народ и племе.
7Почивка барав меѓу сите нив: во чие наследство да се вселам.
8Тогаш Создателот на сѐ, Оној, Кој и мене ме создаде, ми посочи живеалиште спокојно и рече:
9‚Всели се кај Јаков, стани му наследство на Израел.‘
10Пред векови, во почетокот, Тој ме создаде, и нема да свршам довека.
11Пред Него служев во светата Скинија, а потоа на Цион се утврдив.
12Тој спокој ми даде во саканиот град; во Ерусалим е мојата власт.
13Така се вкоренив во прославениот народ, во делот на Господа, во наследството Негово.
14Израснав како кедар на Леванон и како кипарис на горите Ермонски.
15Израснав како палма во Ен-Геди и како розова градина во Јерихо;
16како прекрасна маслина во рамнината и како јавор се извишив.
17Мирис раширив како цимет и ароматичен балзам; мирис благопријатен, распрснав како смирна избрана,
18како алаван, оникс и стактит и како мирис од темјан во Скинијата.
19Како теревинт ги раширив моите гранки, а гранките мои се прекрасни – гранки на слава и благодат.
20Јас сум како лоза што благодат раѓа, плод на слава и богатство се цветовите мои.
21Дојдете кај мене вие што ме сакате, наситете се со моите плодови;
22споменот за мене посладок е од мед, Наследството мое – саќе е од мед.
23Оние што ме јадат – погладни ќе бидат, а оние што ме пијат – пожедни за мене ќе бидат.
24Кој мене ме слуша – не се посрамува; кој со мене работи – никогаш не греши.
25Сето ова е книга на заветот со Бога Севишен,
26законот што Мојсеј ни го даде за наследство на заедниците од Јакова.
27Тој со мудрост е полн како реките Пишон и Тигар во пролетните денови;
28тој со разум исполнува како Ефрат и Јордан во време на жетва;
29тој исполнува со учење како светлина и како Гион во време на гроздобер.
30Првиот човек не ја позна докрај, не ќе ја доиспита ни последниот.
31Мислите нејзини пошироки се од морето, а намерите подлабоки од бездна.
32А јас сум како канал од река и како воден бран што влегува во градина.
33И реков: ‚Градината моја ќе ја напојам и леите цветни ќе ги наводнам.‘
34И ете, каналот мој стана река, а реката настана море.
35Како светлина утринска учењето мое ќе светлее, надалеку ќе го покажам,
36како пророштво ќе го излијам, на идните родови ќе им го оставам.
37Гледате: не само за себе се трудев, туку и за сите што мудроста ја бараат.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.