1И му рече Господ на Исуса, велејќи:
2»Кажи им на синовите Израилеви: одредете си ги градовите прибежишта, за кое ви говорев преку Мојсеја,
3за да може да избега таму убиец, кој убил човек по грешка, без умисла; нека ви бидат тие градови прибежиште за да не умре убиецот од одмаздникот за крв додека не застане пред народен суд.
4И кој ќе избега во еден од тие градови, нека застане пред портите од градот и гласно нека го раскаже делото свое на градските старешини; тие да го примат кај себе во градот и да му дадат место, за да живее при нив;
5и кога одмаздникот за крв ќе го подгони, тие не треба да го предадат убиецот во рацете негови, зашто тој убил ближен свој без умисла и немал спрема него омраза ни вчера ни завчера.
6И нека се всели во тој град, додека не излезе на суд пред народот, додека не умре големиот свештеник, што ќе биде во тие денови. А потоа убиецот нека се врати и нека си оди во градот свој и во домот свој, од каде што избегал.«
7И го одредија Кедес во Галилеја, во Нефталимовата гора, Сихем во Ефремовата гора, и градот Арво, инаку Хеврон, во гората Јудина;
8од онаа страна на Јордан, спроти Јерихон на исток, го одредија: Восор во пустињата, во рамнината, од Рувимовото племе, Рамот во Галад, од Гадовото племе, и Голан во Васан, од Манасиевото племе.
9Тие градови беа одредени за сите Израилеви синови и за придојдените, кои живеат меѓу нив, за да избега таму секој, кој по грешка убил човек, за да не умре од раката на одмаздникот за крв, пред да излезе на суд пред народот.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
