2. Коринтјаните 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Павле сведочи дека Евангелието го проповеда добро и дека Неговата сила се гледа во маките.

1Затоа, имајќи го по милоста Божја ова служење, ние со духот не паѓаме;

2но се одрековме од тајните срамни дела за да не живееме во лукавство, ниту да го изопачуваме словото Божјо, туку со јавувањето на вистината да се покажеме на секоја човечка совест пред Бога.

3Ако, пак, е покриено нашето благовестие, тоа е покриено за оние што гинат;

4ним богот од овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог.

5Оти ние себе не проповедаме, туку Христа Исуса Господа; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исуса.

6Оти Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло.

7Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да Му се оддава на Бога, а не нам.

8Во сѐ сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж;

9нѐ гонат, но не сме изоставени; нѐ кутнуваат, но ние не загинуваме.

10И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господа Исуса, така што и животот Исусов да се открие во телото наше.

11Зашто ние, живите, постојано се изложуваме на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело,

12така што смртта да дејствува во нас, а животот – во вас.

13Имајќи го, пак, тој ист дух на верата, како што е напишано: »Поверува и затоа зборува«, и ние веруваме, па затоа и зборуваме,

14знаејќи, дека Кој го воскресна Господа Исуса и нас ќе нѐ воскресне преку Исуса и ќе нѐ постави со вас.

15Зашто сѐ е заради вас, та благодатта, откако се преумножи, преку мнозина да произведе уште поголема благодарност за славата Божја.

16Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се подновува.

17Зашто нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава,

18имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help