1Момчето Самуил Му служеше на Господа при Илиј; словото Господово беше ретко во тие денови и немаше виденија.
2И се случи во она време, кога Илиј лежеше на местото свое, – очите негови беа почнале да се премрежуваат, и тој не можеше да гледа, –
3и светилникот Божји уште не беше угаснал, а Самуил лежеше во храмот Господов, каде што беше ковчегот Божји;
4Господ повика кон Самуила: »Самуиле! Самуиле!« Тој одговори: »Еве ме!«
5И притрча при Илиј и рече: »Еве ме! Ти ме викаше.« Но тој одговори: »Јас не сум те викал; оди легни си!« И тој отиде и си легна.
6Но Господ повика по вторпат кон Самуила: »Самуиле, Самуиле!« Тој стана и пак отиде кај Илиј и рече: »Еве ме! Ти ме повика?« Но тој рече: »Јас не сум те викал, синко; оди легни си!«
7Самуил уште не го познаваше тогаш гласот на Господа, уште не му се беше открило словото Господово.
8Викна Господ кон Самуила и третпат. Тој стана и отиде при Илиј и рече: »Еве ме! Ти ме повика?« Тогаш Илиј разбра, дека Господ го вика момчето.
9И му рече Илиј на Самуила: »Оди легни си, и кога Оној што вика, ќе те повика, ти кажи: ‚Говори, Господи, бидејќи Твојот слуга слуша.‘« И отиде Самуил и легна на местото свое.
10И Господ дојде, застана и викна, како првиот и вториот пат: »Самуиле! Самуиле!« И Самуил рече: »Говори Господи, бидејќи Твојот слуга слуша.«
11И му рече Господ на Самуила: »Еве, што ќе извршам во Израилот, за кое, кој ќе чуе, ќе му писнат и двете уши.
12Во тој ден Јас ќе го исполнам над Илиј сѐ она што сум зборувал за домот негов; Јас ќе почнам и ќе завршам.
13Јас му јавив дека ќе го казнам домот негов засекогаш заради онаа вина, која тој ја знаеше, бидејќи синовите негови бесчествуваа, и тој не ги запираше.
14И поради тоа се колнам пред домот на Илиј, дека вината на Илиниот дом нема да се избрише довека ниту со жртви, ниту со лебни приноси.«
15Самуил спиеше до утрината, (и стана рано) и ја отвори вратата на домот Господов; Самуил се плашеше да му соопшти на Илиј за тоа видение.
16Но Илиј го повика Самуила и рече: »Синко Самуиле!« Тој одговори: »Еве ме!«
17И рече Илиј: »Што ти беше речено? Не криј од мене; тоа и тоа нека ти направи Господ тебе, и уште повеќе нека направи, ако сокриеш од мене од сѐ што ти беше кажано.«
18И Самуил му соопшти сѐ и не сокри од него ништо. Тогаш Илиј рече: »Он е Господ; што Му е угодно, тоа и нека направи.«
19Самуил порасна, и Господ беше со него; и не остана ни еден Негов збор неисполнет.
20И сиот Израил од Дан дури до Вирсавија дозна дека Самуил е удостоен да биде пророк Господов.
21И Господ продолжуваше да се јавува во Силом, откако му се беше открил на Самуила во Силом преку словото Господово. И во сиот Израил, од крај до крај на земјата, се уверија дека Самуил, е пророк Господов. Илиј, пак, остаре многу, а синовите негови продолжуваа да одат по лукав пат пред Господа.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.