Јеремија 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Надворешното служење без каење одвратно му е на Бога.

1Слово, што му дојде на Јеремија од Господа:

2»Застани при вратата на домот Господов и објави го таму ова слово и кажи: чујте го словото Господово, сите Јудејци, што влегувате низ таа врата да му се поклонувате на Господа.

3Така вели Господ Саваот, Бог Израилев: ‚исправете ги вашите патишта и вашите дела, и Јас ќе ве оставам да живеете на тоа место.‘

4Не се надевајте на лажливите зборови: ‚ова е храмот Господов, храмот Господов, храмот Господов.‘

5Но ако ги исправите наполно вашите патишта и вашите дела, ако верно извршувате суд меѓу човекот и ближниот негов,

6ако не притеснувате другоземец, сирак и вдовица, не пролевате невина крв на тоа место и не тргнете по други богови за ваше зло,

7Јас ќе ве оставам да живеете на ова место, во оваа земја, што им ја дадов на татковците ваши од века до века.

8Ете, вие се надевате на лажливи зборови, кои нема да ви донесат полза.

9Вие крадете и убивате, вршите прељуба и се колнете криво, му кадите на Ваала и одите по други богови, кои не ги познавате,

10и потоа доаѓате и се исправате пред лицето Мое во овој дом, над кој е повикано името Мое, и велите: ‚спасени сме, за да ги вршите сите тие гадотии и понатаму.‘

11Не се претвори ли во вашите очи во разбојничко гнездо овој дом, над кој е повикано името Мое? Ете, Јас го видов тоа, вели Господ.

12Но одете сега на Моето место во Силом, каде што порано бев одредил да почива Моето име, и видете, што направив со него поради беззаконијата на Мојот народ Израилот.

13И, бидејќи ги вршите сите тие работи, вели Господ, и Јас ви говорев од рано утро, а вие не слушавте, и ве викав, а вие не одговаравте, –

14затоа Јас сега ќе постапам исто со овој дом, над кој е призвано Моето име, на кое вие се надевате, и со местото, што ви го дадов вам и на татковиците ваши, како што постапив со Силом.

15И ќе ве отфрлам од лицето Свое, како што ги отфрлив сите ваши браќа, целото семе Ефремово.

16А ти, не моли се за овој народ и не вознесувај заради него молитви и молби, и не посредувај пред Мене, зашто нема да те чујам.

17Не гледам ли, што прават тие во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски?

18Децата собираат дрва, а татковците палат оган, и жените месат тесто, за да прават банички за божицата на небото и да вршат преливи за други богови, за да Ме огорчуваат.

19Но Мене ли Ме огорчуваат тие – вели Господ; не себеси ли – за нивни срам?

20Затоа вака вели Господ Бог: ете, се излива Мојот гнев и Мојата јарост врз ова место, врз луѓето и врз добитокот, врз полските дрвја и врз земните плодови, ќе се разгори и нема да угасне.

21Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: – вашите сепаленици поднесувајте ги заедно со вашите жртви и јадете го месото;

22зашто Јас не им говорев на татковицте ваши и не им давав заповеди за сепаленици и жртви во тој ден, кога ги изведов од Египетската земја;

23туку ова им го заповедав: ‚слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по оној пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро.‘

24Но тие не послушаа и не го наклонија увото, и живееја по желбите и по упорството на своето лошо срце, и ми свртеа грв, а не лице.

25Од оној ден, кога татковицте ваши излегоа од Египетската земја, до денес ги испраќав при вас слугите Свои – пророците, ги испраќав секој ден од рано утро и постојано,

26но тие не Ме послушаа и не го наклонија увото, туку станаа твродоглави, постапуваа полошо од татковците свои.

27И кога ќе им ги кажуваш сите овие зборови, тие нема да те послушаат; и кога ќе ги викаш, тие нема да ти се одѕиваат.

28Тогаш речи им: ‚еве народ, кој не го слуша гласот на Господа, својот Бог, и не прима поука! Нема кај нив вистина, таа е одземена од устата нивна.‘

29Истрижи ја косата своја и фрли ја, и почни да плачеш по горите, зашто Господ го отфрли и го остави родот, што го навлече гневот Негов.

30Зашто синовите на Јуда вршат зло пред Моите очи, вели Господ; ги поставија своите гадотии во домот, над кои е повикувано името Мое, за да го осквернат;

31и изградија идолско светилиште на Тофет во долината на Еномовите синови, за да ги изгоруваат во оган синовите свои и ќерките свои, што не сум го заповедал и кое ни на ум не Ми доаѓало.

32Затоа, идат дни, вели Господ, кога тоа место нема повеќе да се нарекува Тофет и долина на синовите Еномови, туку крвна долина, и во Тофет ќе се погребуваат поради немање на место.

33И труповите на овој народ ќе бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни, и ќе нема кој да ги брка.

34Во градовите на Јудеја и по улиците ерусалимски ќе го прекратам гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста; зашто таа земја ќе стане пустелија.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help