Исаија 53 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Страдањето и славата на Божјиот Слуга.

1Господи, Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се откри силата Господова?

2Зашто изникна Он пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни изглед, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него.

3Он беше презрен и понизен меѓу луѓето, маж на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Он беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме.

4Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме, дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога.

5А Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.

6Сите ние бевме заблудени како овци, се отстрани секој од патот свој, – и Господ ги возложи врз Него гревовите на сите нас.

7Он беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја.

8Он беше лишен од праведен суд. Но родот Негов Кој ќе го објасни? Зашто беше одземен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт.

9Му определија гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата негова немаше лага.

10Но на Господа му беше угодно да Го понизи, и Го предаде на мачење; а кога душата Негова Му принесе милостивна жртва, Он ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе напредува преку Неговата рака.

11Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Праведниот Слуга Мој ќе ги оправда мнозина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе.

12Затоа Јас ќе Му дадам големо наследство, со силните плен ќе дели, зашто душата Своја на смрт ја предаде, и меѓу злодејците беше вброен и ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help