1Филопатор, кога разбра од оние што беа дошле при него, дека Антиох презел некои места од неговото владеење, им даде заповед на сите свои војски, пешаци и коњаници, па кога ја зеде со себе си својата сестра Арсиноја, појде дури со Ратиските краишта каде што беа улогорени војските на Антиоха.
2Тогаш некојси Теодот, откако одлучи да изврши една своја замисла, ги зеде со себеси најдобро вооружените луѓе, кои му ги беше доверил Птоломеј, и ноќе влезе во шаторот на Птоломеја, за да го убие насамо и на тој начин да ја спречи војната,
3но него го излага Доситеј, Дримиловиот син, роден Јудеец, кој го беше изневерил законот и отпосле се оттуѓил од верата на татковците, тој остави во шаторот еден обичен човек, кому му се падна да ја прими смртта определена за Птоломеја.
4А кога започна жестоката битка и Антиох победуваше, тогаш Арсиноја, со распуштени коси, плачејќи и со солзи, одеше по војската, убедувајќи ги борците да се борат похрабро за себеси, за своите деца и жени, ветувајќи им дека, ако победат, на секого ќе му даде по две мини злато.
5Па се случи непријателите да бидат победени во битката гради в гради и многумина од нив беа заробени.
6Откако ја постигна својата цел, Филопатор намисли да помине низ блиските градови и да ги освои.
7Кога го направи и тоа, и им даде на паганските светилишта подароци, тој ги воодушеви своите поданици со својата храброст.
8А потоа, кога Јудејците ги испратија пратениците од советот и од народните старешини при него, за да го поздрават, да му предадат дарови, да ја искажат својата радост за победата, тој изјави желба да ги посети што е можно поскоро.
9Кога пристигна во Ерусалим, тој Му принесе жртва на великиот Бог, Му благодари и направи сѐ друго што прилегаше за едно свето место.
10Влегувајќи во храмот, тој беше зачуден од неговата величественост и убавина, се вчудовиди на неговата украсеност и пожела да влезе во самото светилиште, во Свјатаја Свјатих.
11Му рекоа дека тоа не е можно, зашто и на луѓето од нивниот народ не им е дозволено да влегуваат таму, па дури и на свештениците и дека само првосвештеникот, кој е над сите, има право да влегува таму, и тоа само еднаш во годината; но тој никако не скаше да ги послуша.
12Му го прочитаа Законот, но и тогаш не се откажа од својата намера и настојуваше да влезе, велејќи дека тој треба да влезе; ако се тие лишени од таа чест, тој не е. Тогаш ги праша зошто, кога влегол во храмот, никој од присутните не му забранил да го направи тоа.
13А кога еден непретпазлив човек одговори, дека не постапиле добро, тој тогаш им рече: »Штом ова е можно поради една или друга причина, јас ќе влезам сам, без оглед на тоа дали се согласувате или не се согласувате.«
14Тогаш свештениците, облечени во свештеничките одежди, паднаа ничкум и Му се молеа на великиот Бог да им помогне во неволјата и да го задржи оној кој сака да го направи тоа; храмот се исполни со пискот и созли, а оние што беа во градот се насобраа збркани, помислувајќи дека станало нешто необично.
15И девојките, кои беа затворени во своите соби, излегоа, заедно со своите мајки, главите си ги посипуваа со пепел и прав и ги исполнуваа улиците со плач и лелек.
16А други, со сиот накит, ги оставаа одаите за брачно среќавање и со пристојна срамежливост, без ред трчаа по градот.
17Мајки и доилки, оставајќи ги своите новроденчиња, едни – дома, а други – по улиците, со брзање се собираа во светилиштето.
18Така разновидна беше молитвата на насобраниот народ поради обидот за осквернување на светињата.
19Некои од жителите на градот се осмелија да не му дозволат да ја исполни својата намера на оној, кој сакаше со сила да го направи тоа. Тие почнаа да викаат дека треба да грабнат оружје и храбро да умрат за законот на татковците, така што таму направија големо безредие.
20Но свештениците и народните старешини успеаа со мака да ги задржат, па така тие останаа во молитвена состојба.
21Народот, како и пред тоа, продолжуваше да се моли. Дури и старешините, кои беа заедно со царот, многупати се обидоа да го одвлечат неговиот горд ум, намерата,
22но тој, обземен од својата дрскост, ги одби сите, и веќе направи неколку чекори за да го изврши она што го беше рекол пред тоа.
23Кога го видоа тоа, и оние што беа со него почнаа да Го повикуваат Седржителот – да им помогне во неволјата и да не ја допушти таа незаконска и горда постапка.
24Од силниот и тажен извик на насобраниот народ се крена шум што не може да се искаже;
25мислиш не само луѓето, туку и ѕидовите и основите на храмот се бунеа како пред умирање поради осквернувањето на светото место.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.