1. Коринтјаните 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

За бракот и за оние што не се во брак.

1А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена.

2Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж.

3Мажот да ја има спрема жената својата должна љубов, а исто така и жената – спрема мажот.

4Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената.

5Не одделувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да постите и да Му се молите на Бога; и пак состанете се за да не ве искуша сатаната, поради вашето невоздржување.

6Ова, пак, ви го велам како совет, а не како заповед.

7Оти сакам, сите луѓе да се како јас; но секој си има свој дар од Бога – еден ваков, друг инаков.

8А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде, ако останат како јас.

9Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да се возбудуваат.

10А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, –

11ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја.

12А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, која не поверувала, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава;

13и ако некоја жена има маж, кој не поверувал, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава.

14Зашто маж што не поверувал се осветува преку жената која верува, и жена што не поверувала се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле нечисти, а сега се свети.

15Ако некој, што не верувал, сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог.

16Оти, од каде знаеш, жено, не ќе ли го спасиш ти мажот? Или од каде знаеш, о мажу, нема ли да ја спасиш ти жената?

17Само секој нека постапува така, како што му определил Бог, како го повикал Господ. Така заповедам по сите цркви.

18Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, нека не се обрезува.

19Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, а пазењето на Божјите заповеди е сѐ.

20Секој да си остане во звањето, во кое е повикан.

21Роб ли си призван, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството.

22Оти повиканиот во Господа роб, станува Господов слободен; исто така и повиканиот слободен станува роб Христов.

23Вие сте скапо платени: не станувајте робови на луѓе.

24Секој, во какво призвание е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога.

25А, што се однесува до девојките, за нив немам заповед од Господа, но советувам; како што сум помилуван од Господа, да Му бидам верен.

26Поради сегашната потреба го наоѓам за добро ова: добро е за човекот да биде таков.

27Сврзан ли си со жена, не барај развод; разврзан ли си од жена, не барај жена.

28Но, ако се ожениш, нема да згрешиш; и девојка, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволи, а јас, пак, ве штедам.

29Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат;

30и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат – како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат,

31и кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат; зашто се менува обликот на овој свет.

32Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господа;

33а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената.

34Постои разлика меѓу жена и девојка; неомажената се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господа, за да стане света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој.

35Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам замка, туку за убава и пристојна служба на Господа без пречки.

36Ако некој мисли дека е срамно девојката негова да му остане така во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат.

37А кој е тврд во срцето свое, и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја пази својата девојка, тој добро прави.

38Но и оној, кој ја омажува својата девојка, добро прави; а оној, што не ја мажи, подобро прави.

39Жената е сврзана преку Законот, додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господа.

40Само, поблажена е, ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help