Јудита 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Востание во Јудеја. Молитва на покајание.

1Синовите Израилеви, кои живееја во Јудеја, откако чуја за сѐ што направил со народите Олоферн, врховниот заповедник на војската од Навуходоносора, царот на Асирците, како ги ограбил и урнал сите нивни светилишта,

2многу се уплашија од него и трепереа за Ерусалим и за храмот на својот Господ Бог.

3Неодамна се беа вратиле од ропство, неодамна се беше собрал целиот јудејски народ и ги беа осветиле осквернетите садови, жртвеникот и домот на Господа.

4Затоа испратија гласници во подрачјето на Самарија, Конаија, Ветерон, Велмен и Јерихон, во Хова, Есора и Салимската рамнина,

5ги зазедоа сите врвови на високите планини, ги заградија со ѕидови населбите, кои се наоѓаа на нив, и собраа жито за храна во случај на војна, бидејќи нивните ниви само што беа ожнеани.

6Тогаш првосвештеникот Јоаким, кој тие денови се наоѓаше во Ерусалим, им напиша на жителите на Ветилуја и на Ветоместем, кој се наоѓа спрема Ездрилон на предната страна од рамнината, близу до Дотаим, –

7да ги заземат ридските премини, зашто преку нив водеше патот во Јудеја и лесно им беше да му попречат на непријателот, зашто клисурата беше тесна дури и за двајца.

8Синовите Израилеви направија како што им заповеда првосвештеникот Јоаким и старешините на сиот народ израилски, кои беа во Ерусалим.

9Со голема усрдност повикаа кон Бога, сите мажи на Израилот и ги смирија своите души пред Бога.

10И тие, и нивните жени, и нивните деца и нивниот добиток; а секој придојден и наемник и купениот за сребро си препашаа кострет околу крстот свој.

11Сите Израилци, и жените нивни и децата, кои живееја во Ерусалим, паднаа ничкум пред храмот, се посипаа со пепел и ги послаа своите кострети пред Господа.

12Со кострет го обвија и жртвеникот и усрдно повикаа кон Бога на Израилот со еден глас – нивните деца да не ги предаде на клање и нивните жени во ропство, за радост на незнабошците; градовите на нивното наследство да не ги предаде на разурнување и татковината нивна – на уништување, а светилиштата нивни – на осквернување и подбивање.

13Бог го послуша нивниот глас и се смилува на нив во нивната неволја; сиот народ постеше многу денови во цела Јудеја и во Ерусалим пред храмот на Господа Седржителот.

14Првосвештеникот Јоаким и свештениците стоеја пред Господа и сите Негови служители, препашани со кострет, Му принесуваа постојани жртви сепаленици – ветени и доброволни дарови од народот;

15нивните кидари на главите беа посипани со пепел и викаа со висок глас кон Господа со милост да го посети целиот дом Израилев.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help