Псалми 104 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Возвеличување на Бога поради Неговите добрини спрема Израилот.

1Славете Го Господа; призивајте го Неговото име; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови.

2Славете Го и пејте Му; кажувајте ги сите Негови чудеса.

3Фалете се со Неговото свето име: нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа.

4Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово.

5Спомнувајте ги чудесата Негови, што ги направи, чудесата Негови и судовите од устата Негова,

6вие, семе Авраамово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови.

7Он е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја.

8Он вечно го помни заветот Свој, зборот што го заповедал во илјада родови,

9што му го ветил на Авраама, и заклетвата своја на Исака;

10и му го поставил тоа како закон на Јакова и како вечен завет на Израилот,

11велејќи: »Тебе ќе ти ја дадам Хананската земја во ваше наследство.«

12Тогаш тие беа уште малку на број, многу малку, и беа придојдени во неа,

13па преминуваа од народ во народ, од едно царство кон друг народ;

14никому не му дозволуваше Он да ги навредува и царевите за нив ги караше:

15»Не допирајте се до Моите помазани, на Моиоте пророци не правете им зло!«

16И пушти глад во таа земја и секој лебен клас го сотре.

17Испрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф.

18Ги стегнаа во вериги нозете негови; железото ја измачувало душата негова,

19додека се исполни зборот Негов: зборот Господов го оправда.

20Царот прати по него, го одврзаа, кнезот над народите и го ослободи.

21Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој,

22за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешните негови да ги учи на мудрост.

23Тогаш дојде Израилот во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја.

24Го умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите негови.

25Се преврти срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да им пакостат на слугите Негови.

26Го испрати Мојсеја, слугата Свој, и Арона, кого го избра.

27Ти ги покажаа меѓу нив зборовите на Неговите знаци и на чудесата Негови во Хамовата земја.

28Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов.

29Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна.

30Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивни.

31Он рече: и нападнаа песји муви и мушички по сите нивни предели.

32Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна,

33и ги уништи лозјата нивни и смоквите нивни, ги сотре сите дрвја во нивните предели.

34Рече и нападнаа скакулци игасеници безброј;

35и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни.

36И го порази секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивни труд.

37Ги изведе Израилците со сребро и злато, и немаше болен во племињата нивни.

38Се зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел страв од нив.

39Им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе.

40Бараа, и Он им прати потполошки и со леб небесен ги наситуваше.

41Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја,

42зашто се сети на Својот свет збор кон Авраама, Својот слуга.

43па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани – со веселба,

44и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи,

45за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови. Алилуја!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help