Јудита 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Израилците во асирскиот логор.

1Јудита им рече: »Слушајте ме, браќа, земете ја главата и закачете ја на врвот од вашите ѕидини,

2а кога ќе се зазори и сонцето изгрее над земјата, секој нека го земе своето оружје, нека излезе секој што е силен надвор од градот; дајте им повод да мислат дека слегувате во рамнината кон претстражата на асирските синови, но не слегувајте.

3Тогаш тие, откако ќе го земат своето оружје, ќе појдат во својот логор, за да го разбудат војсководачот на асирската војска, ќе потрчаат кон шаторот на Олоферна и, откако нема да го најдат страв ќе ги опфати и ќе се разбегаат.

4Вие што живеете по сите краишта на Израилската земја, гонете ги и уништувајте ги по патот на нивното бегство.

5Но, пред да го направите тоа, повикјте го Ахиора Амонеецот да дојде при мене; нека го види и препознае оној што сакаше да го понизи домот на Израилците, а него да го испрати кај нас во смрт.«

6Го повикаа Ахиора од домот на Озија. Кога дојде и ја виде главата на Олоферна во рацете на еден маж среде насобраниот народ, тој падна на земјата и ја загуби свеста.

7Кога го подигнаа, тој падна пред нозете на Јудита, се поклони и и рече: »Да бидеш благословена во секое Јудино живеалиште и во секој народ, секој да трепери од страв кога ќе го слушне твоето име!

8А сега раскажи ми: што правеше во изминатите денови?« Јудита, која беше среде народот, му раскажа сѐ што направила во тие денови – од денот кога излезе, до денот кога се врати.

9Кога престана да зборува, народот извика со висок глас и неговото радосно извикување се носеше по целиот град.

10А Ахиор, гледајќи го сето она што го направи Бог на Израилците, поверува искрено во Бога, прими обрезание и се присоедини кон домот Израилски и остана во него дури до денешниот ден.

11А кога се зазори, ја закачија Олоферновата глава на ѕидините, секој го зграби своето оружје и потрчаа во одреди низ падината.

12Синовите асирски, кога ги здогледаа, веднаш ги известија своите началници, а тие потрчаа кај своите заповедници, стотници и илјадници, и кон сите други началници.

13Кога дојдоа до шаторот на Олоферна, му рекоа на оној што управуваше со неговиот имот: »Разбуди го нашиот господар, зашто оние робови се осмелија да излезат против нас на борба, за да бидат уништени засекогаш.«

14Багој влезе и почука на вратата од шаторот, бидејќи мислеше оти тој спие со Јудита.

15Но кога никој не му одговори, влезе во спалната и го најде трупот фрлен на прагот, а главата му беше отсечена.

16Извика со сиот свој глас, плачејќи и липајќи, и ја раскина својата облека.

17Потоа влезе во шаторот, во кој престојувала Јудита, но не ја најде. Потоа отрча кај луѓето и извика:

18»Робовите постапиле неверно: една Еврејка го осрамоти домот на царот Навуходоносор; еве го Олоферн на земја, а главата му ја нема.«

19Кога заповедниците на асирската војска ги слушнаа тие зборови, ги раскинаа своите облеки, нивните души се исполнија со страв, а низ целиот логор се подигна силен плач и големо ридање.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help