Ппророк Језекиил 27 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Тагување поради падот на Тир.

1И би слово Господово до мене:

2»А ти, сине човечки, викни, па заплачи по Тир.

3И кажи му на Тир, кој се населил при влезот на морето, и тргува со народите од многу острови – вака вели Господ Бог: Тире, ти велиш: ‚јас сум совршена убавина.‘«

4Твоите предели се во срцето на морињата; твоите градители совршено ја изградиле твојата складност;

5од сенирски кипариси ги направија сите твои подови; зедоа од Ливан кедри, за да ти направат јарболи;

6од васански дабови правеа весла; столовите ги правеа до буково дрво, ишарано со слонова коска од Китимските острови,

7шарени платна египетски употребуваа за едра и служеа како знаме; сини и пурпурни ткаенини се земаа од Елиските острови за покривала.

8Жителите сидонски и арвадски ти беа стругари; Тире, ти имаше вешти луѓе; тие ти беа кормилари.

9Старешините од Гевал и неговите вешти луѓе ти служеа за разни поправки; ти имаше секакви морски кораби и едрењаци, кои ти служеа за тргување.

10Персијците, Ливијците и Лидијците се наоѓаа во твојата војска и ти беа војници; закачуваа по тебе штитови и шлемови; тие ти придаваа величие.

11Синовите Арватски со твојата сопствена војска стоеја наоколу по твоите ѕидови; и Гамадимците стоеја на кулите твои; тие беа ги закачиле своите штитови по твоите ѕидови наоколу; и тие ти ја претставуваа твојата убавина.

12Тарсис, твојот трговец, располагајќи со различно богатство, за стоките твои плаќаше сребро, железо, олово и калај.

13Јаван, Тувал и Месех тргуваа со тебе, разменувајќи ги стоките за човечки души со бакарни садови.

14Од домот на Тогарма ти донесуваа за стоките твои коњи, коњаници и маски.

15Синовите на Дедан тргуваа со тебе; многу острови вршеа со тебе размена, ти плаќаа со слонова коска и абанос.

16Поради големото твое трговско богатство, тргуваа со тебе и Арамејците; за стоките твои ти плаќаа со смарагд, пурпурно шарени ткаенини и висон, со корали и рубини.

17Јудеја и земјата Израилева тргуваа исто така со тебе; за твојата стока ти плаќаа со пченица, мириси и мед, елеј и балсам.

18Дамаск поради богатството во стоки, поради изобилието на секакви работи, ти донесуваше хелвонско вино и бела волна.

19Дан и Јаван од Узал ти плаќаа за твоите стоки со изработки од железо, касија и цимет, за размена.

20Со тебе тргуваше и Дедан со скапоцени волнени покривки за седла.

21Арабија и сите кидарски кнезови вршеа размена со тебе: на јагниња, овни и кози.

22Трговците од Сава и Рама тргуваа со тебе со секакви најблагопријатни мириси и со секакви скапоцени камења, и злато ти плаќаа за твоите стоки.

23Харан, Кан и Еден, савските трговци, Асун и Хилмат исто така тргуваа со тебе.

24Тие ти продаваа скапоцени облеки од свилени и шарени материи што ги носеа на пазарите твои во скапи сандаци, направени од кедар и добро врзани.

25Тарсиските кораби беа твои каравани во трговијата, и ти стана богат и многу славен меѓу морињата.

26Весларите твои те одведоа во големите води; источниот ветар те разби среде морињата.

27Твоето богатство и твоите стоки, сите твои ризници, твоите бродари и твоите кормилари, кои ги поправаа твоите кораби, и ја пренесуваа твојата трговија, сите твои војници, какви што ги имаше и сето множество народ твој, при твоето паѓање ќе паднат во срцето на морето.

28Од пискотот на твоите кормилари ќе затреперат и околните места.

29И ете од корабите ќе излезат сите веслари, бродари, сите кормилари морски и ќе излезат на земјата.

30Со висок глас ќе заплачат за тебе и тешко ќе заофкаат, ставајќи си пепел на главите свои и валкајќи се во прав.

31Ќе ја истрижат за тебе косата своја до черепот, а ќе опашаат вреќишта и со горчлив плач ќе заплачат за тебе од душевна мака.

32И во тагата своја ќе предизвикаат кај тебе жална песна, и така тие ќе заплачат за тебе: »Кој е како Тир, така разрушен среде морињата!«

33Кога доаѓаа од морињата твоите стоки, ти задоволуваше многу народи; со големото богатство и со трговијата ти ги богатеше царевите на земјата.

34А кога беше ти разбиен од морињата во водената бездна, твоите стоки и сиот твој народ потона.

35Сите жители на островите се запрепастија за тебе и царевите нивни почнаа да треперат, лицата им се изменија.

36Трговците на другите народи си потсвиркуваа за тебе; ти стана како страшило и нема веќе да те има засекогаш.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help