1Почна да говори вториот, што беше рекол за силата на царот. Тој рече;
2»О мажи, нели се силни луѓето, кога владеат со земјата и морето и со си што е во нив?
3Но царот ги надминува, владее над нив и им заповеда, и во сѐ, што и да им каже, тие му се покоруваат.
4Ако каже да се спротистават еден спроти друг, тие го извршуваат тоа; ако ги испрати против непријатели, тие одат и соборуваат планини, карпи и кули,
5и убиваат и биваат убивани, но не го погазуваат царскиот збор; ако победат, пак, му донесуваат на царот сѐ што ќе запленат, и си друго.
6И оние, што не одат во војна и не се борат, а ја работат земјата, по сеидбата, откако ше ја соберат жетавата, и тие му носат на царот
7и, поттикнувајќи се еден со друг, му принесуваат данок на царот.
8Тој е само еден; ако каже да се убива – убиваат; ќе рече ли да се прости – проштеваат; ќе каже ли да се бијат – бијат;
9ќе каже ли да се опустошува – опустошуваат; ќе каже ли да се гради – градат; ќе каже ли да се исече – сечат; ќе каже ли да се насади – насадуваат;
10и сиот народ негов и војската негова нему му се покорува. Освен тоа, тој седи на трпезата, јаде, пие и спие,
11а тие чуваат околу него, и никој не може да се оддалечи и да ги гледа своите работи, и не смеат да му бидат непослушни.
12О мажи, нели е од сите работи најсилен царот, кога така му се покоруваат?« – И замолча.
13Третиот, пак, кој беше рекол за жените и за вистината, – тој беше Зоровавел, – и почна да говори:
14»О мажи, голем е царот, големи се и многу луѓе, и моќно е виното. Но кој господари над нив и ги владее? Нели жените?
15Жени го родиле царот и сиот народ, кој владее со морето и земјата;
16од нив се родени и од нив се одгледани оние, што садат лозја, од кои се прави вино;
17тие прават облека за луѓето и снабдуваат украси за нив, и луѓето не можат без жени.
18Ако мажите соберат злато и сребро и секакви скапоцености, и потоа видат жена добролична и убава,
19оставаат си и се спуштаат кон неа и ја гледаат со отворена уста, и сите се прилепуваат кон неа повеќе, отколку кон златото и среброто и кон секоја скапоценост.
20Човекот го остава таткото свој, кој го воспитувал, и земјата своја и се прилепува кон жената своја,
21при жената своја останува до смртта и заборава и татко, и мајка, и земјата своја.
22Од тоа треба да разберете дека жените владеат над нас. Не преземате ли тешки работи, нели се трудите и се мачите, не принесувате ли и не давате ли сѐ за жената?
23Го зема човекот мечот свој и излегува по патиштата да граби и краде, готов е да плови по море и по реки,
24лав сретнува и во темнина талка; но ако украде, одвлече или ограби нешто, ѝ го носи на саканата своја.
25И човекот повеќе ја сака жената своја, отколку таткото и мајката.
26Многумина полудувале поради жени и станувале робови преку нив.
27Многумина загинале и пропаднале и згрешиле преку жени.
28Зар сега нема да ми поверувате? Нели е голем царот со власта своја? Нели сите земји се плашат да се допрат до него?
29Јас го видов него и Апамина, ќерката на славниот Вартака, царева наложница, како седи десно од царот;
30таа ја симнуваше круната од главата на царот и си ја ставаше, а со левата рака го удираше царот по усните.
31И покрај сето тоа царот ја гледаше со отворена уста: ако таа му се насмевне, се насмевнува и тој; а ако, пак, му се налути, тој ја милува, за да биде добар со неа.
32О мажи, како да не бидат силни жените, кога прават така?«
33Тогаш царот и големците се погледнаа еден со друг, а тој почна да говори за вистината, па рече:
34»О мажи, нели се силни жените? Голема е земјата и високо е небото, и брзо е сонцето во својот од, зашто за еден ден го обиколува небесниот круг и пак се враќа на местото свое.
35Нели е Голем Оној, кој го прави тоа? И вистината е поголема и посилна од си.
36Целата земја ја повикува вистината, и небото ја благословува, и сите работи се сретнуваат и треперат пред неа. И во неа нема неправда.
37Неправедно е виното, неправеден е царот, неправедни се жените, неправедни се и сите човечки синови, па и сите нивни работи се такви: нема вистина во нив и тие ќе загинат во неправдата своја;
38а вистината победува и останува силна засекогаш, и живее и владее од века до века.
39Во неа нема пристрасност и разликување: таа го врши она што е праведно, одбегнувајќи си што е неправедно и лошо, и сите ги одобруваат нејзините работи.
40Во нејзиниот суд нема ништо криво; таа е сила, и царство, и власт и величие во сите векови; благослаовен да е Бог на вистината!«
41И престана да говори. И сите тогаш викнаа и рекоа: »Голема е вистината и најсилна е од си.«
42Тогаш царот му рече: »Барај што сакаш, повеќе од напишаното, и ќе ти дадам, бидејќи ти се покажа најмудар; ти ќе седиш до мене и ќе се нарекуваш мој роднина.«
43Тогаш тој му рече на царот: »Сети се на ветувањето, што го даде во оној ден, кога го прими царството свое, дека ќе го изградиш Ерусалим,
44и ќе ги вратиш сите садови, земени од Ерусалим што Кир ги беше однел, кога даде завет за да го разурне Вавилон, и вети дека ќе ги испрати таму.
45А ти вети да го подигнеш храмот, што го беа изгореле Идумејците, кога Халдејците ја опустошила Јудеја.
46И за истото тоа сега те молам, цару господару, те молам, и во тоа е твојата големина: те молам да го исполниш ветувањето, кое со устата своја му го вети на Небесниот Цар дека ќе го исполниш.«
47Тогаш царот Дариј стана, го бакна и напиша писмо до сите управници и обласни началници и воени началници и сатрапи – да го пуштат, а со него заедно и сите, што одат да го градат Ерусалим.
48Исто така напиша писмо до сите месни началници во Кили-Сирија и Феникија и до оние во Ливан – да довезуваат од Ливан во Ерусалим кедрово дрво и да му помагаат да го изгради градот.
49Напиша да бидат слободни и сите Јудејци, кои тргнуваат од царството за Јудеја, та никој од властите, – заповедник, сатрап и управител, да не оди до вратата нивна,
50туку целата земја, со која тие владеат, да биде ослободена од данок, и Идумејците да ги остават јудејските села со кои владеат;
51исто така, за градење на храмот секоја година да се дава по дваесет таланти, додека не биде изграден;
52и за принесување на жртвеникот секојдневни сепаленици, освен одредените седумнаесет, се даваше уште по десет таланти годишно;
53и сите, што одат во Вавилон, да имаат слобода да го градат градот, како тие, така и потомците нивни и сите свештеници, што ќе отидат.
54Напиша исто така и за издршката и за службената облека на свештениците.
55Напиша да им се дава издршка и на левитите до оној ден, кога ќе се заврши храмот и ќе се изгради Ерусалим;
56и на сите, што го чуваат градот, порача да им се дава плата и храна.
57Ги отстапи и сите садови, што Кир ги беше земал од Вавилон; и сѐ, што беше заповедал Кир да се направи, тој заповеда да се изврши и испрати во Ерусалим.
58И кога излезе младичот, го крана лицето кон небото спроти Ерусалим, Му заблагодари на Царот Небесен и рече:
59»Од Тебе победа, од Тебе мудрост, и Твоја е славата, и јас сум пак Твој слуга.
60Благословен си Ти, Кој ми подари мудрост, и Ти блогодарам, Господи, Боже на татковците наши.«
61И откако ги зеде писмата, тргна и отиде во Вавилон, и им јави на сите браќа свои.
62И тие Му заблагодарија на Бога на татковците нивни, поради тоа што им подари слобода и одобрение
63да одат и да го градат Ерусалим и храмот, наречен според името Негово. И ликуваа со музика и веселба седум дена.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.