Откровение 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Сто четириесет и четири илјади во гората Сионска. Три ангела со добри, но и со остри вести. Весела жетва, страшна есен.

1Потоа видов: ете, Агнецот стои на гората Сион, и со Него сто и четириесет и четири илјади, што ги имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец.

2И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; чув глас на гуслари, што свират на гуслите свои

3и како да пеат нова песна пред престолот и пред четирите животни и Старците; и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто и четириесет и четири илјади, кои што беа откупени од земјата.

4Тие се, што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се, што врват по Агнецот, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Агнецот,

5и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Божји.

6И видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ.

7Тој зборуваше со висок глас: »Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!«

8И друг ангел се појави по него, велејќи: »Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!«

9И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: »Кој ќе му се поклони на ѕверот и на ликот негов, и прими белег на челото свое или на раката своја,

10тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излиено во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Агнецот.

11Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние, што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговиот образ, и што ќе го примат белегот на неговото име!«

12Тука е трпението на светиите; тука се оние, што ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса.

13И чув глас од небото да ми вели: »Напиши – блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да – вели Духот – нека се одморат од трудот свој, оти делата нивни ги следат!«

14И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Он имаше златен венец, а во раката – остар срп.

15И друг ангел излезе од храмот и му извика со силен глас на оној, што седеше на облакот: »Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: оти житото на земјата е зрело!«

16И оној, што седеше на облакот, го фрли српот свој на земјата и земјата беше пожнеана.

17И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп.

18И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној, што имаше остар срп, велејќи: »Фрли го српот свој и обери го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!«

19И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев,

20и се изгмечи кацата надвор од градот, и потече крв од кацата дури до уздите на коњите, на илјада и шестотини стадии.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help