1И така, ви велам: зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Оти и јас сум Израилец, од семето Авраамово, од коленото Венијаминово.
2Бог не го отфрли Својот народ, кој однапред Го разбра. Или, пак, не знаете што кажува Писмото за Илија, како тој Му се пожали на Бога од Израилот, велејќи:
3Господи, ги избија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас останав сам, и сакаат да ми ја земат душата.
4А како му вели Божјиот одговор: »Си оставив седум илјади мажи, кои не ги преклонија колената пред Ваала«.
5Така е, пак, во сегашно време; остатокот се спаси по избор на благодатта.
6Но, кога е по благодат, не е по дела; оти благодатта веќе не би била благодат. Ако, пак, е по дела, тоа веќе не е благодат; зашто инаку делото не би било веќе дело.
7А што? Израилот не го доби она, што го бараше; избраните, пак, го добија, а другите се ожесточија,
8како што е напишано: »Бог им даде дух што не чувствува: очи да не гледаат, и уши – да не слушаат, дури до денешниов ден.«
9И Давид рече: »Трпезата нивна да им биде замка, клопка, сопка и отплата;
10да им се заматат очите нивни, за да не гледаат, и 'рбетот нивни да им се превитка засекогаш«.
11Ви велам пак: зар се сопнаа, за да паднат? Не! Но преку нивното паѓање дојде спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност.
12Ако е, пак, паѓањето нивно богатство за светот, и отпаѓањето нивно богатство за незнабошците, тоа колку повеќе ќе биде обраќањето на нив сите.
13Вам, на незнабошците, ви велам: до колку сум апостол на незнабошците, јас ја прославувам својата служба,
14та некако да возбудам ревност во својот род по плот, и некого од нив да спасам.
15Зашто, ако нивното отфрлање е спасение за светот, тоа какво ли ќе биде нивното примање, ако не воскресение од мртвите?
16Кога е квасот свет, тогаш свето е и тестото: и ако е коренот свет, свети се и гранките.
17Ако, пак, некои од гранките се отцепиле, а ти, бидејќи дива маслинка, си се накалемил на нивното место и си станал соучесник на коренот и на маслиновиот сок,
18затоа не фали се пред гранките. Ако, пак, се фалиш, знај дека ти не го држиш коренот, туку коренот – тебе.
19Но ќе речеш: се отцепија гранките, за да се прикалемам јас.
20Добро. Тие преку неверие се отцепија, а ти преку вера се држиш: не мисли за себе високо, туку имај страв.
21Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, гледај та и тебе да не те поштеди.
22Гледај ја, пак, Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако останеш во благоста; инаку, ти ќе бидеш отсечен.
23Но, тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, оти Бог е моќен пак да ги прикалеми.
24Зашто, ако си ти отсечен од природна дива маслинка, и против природата си прикалемен на питома маслинка, тоа тогаш колку полесно оние, природните, ќе бидат прикалемени на својата маслинка.
25Не сакам, браќа, да не ја знаете таа тајна – за да не бидете горди – дека слепотија на еден дел од Израилот му падна, додека не влезат незнабошците, колку што е потребно,
26и по таков начин целиот Израил ќе се спаси, како што е напишано: »Ќе дојде од Сион Избавителот и ќе ја отстрани безбожноста од Јакова«.
27И тоа им е ним завет од Мене, кога ќе ги одземам нивните гревови.
28Што се однесува до Благовестието, тие се непријатели поради вас; но во изборот тие Му се омилени на Бога заради татковците,
29зашто Бог нема да се покае за даровите Свои и призовувањето.
30Како што и вие некогаш бевте непокорни на Бога, а сега сте помилувани, поради нивното непокорство,
31така и тие се и сега непокорни, поради вашето помилување, та и самите да бидат помилувани.
32Оти Бог ги затвори сите во непокорство, па сите да ги помилува.
33О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!
34Оти, кој ја позна мислата на Господа? Или, кој Му бил советник?
35Или, кој однапред Му дал нешто, та и Он да му возврати?
36Зашто, сѐ е од Него, преку Него и во Него. Нему слава во веки. Амин!
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.