1И јас сум смртен човек, како и сите други, потомок сум на првото создание, направено од земја.
2И јас бев обликуван во тело во мајчината утроба во тек на десет месеци, стегнат во крв од семето на маж и од наслада, соединета со сон.
3И јас, кога се родив, дишнав воздух и паднав на оваа земја, првиот глас го пуштив со плач, како и сите;
4бев одгледан во пелени и со грижи.
5зашто ниеден цар не се родил поинаку;
6за сите има само еден влез во животот, а еднаков е и излезот.
7Затоа се молев – да ми биде подарен разум, викав – и врз мене влезе духот на мудроста.
8Мудроста ја сакав повеќе од скиптри и престоли; а богатството го сметав за ништо пред неа;
9скапоцен камен е неспоредлив со неа, зашто пред неа сето злато е како ништожен песок, а среброто е кал – во споредба со неа.
10Ја засакав повеќе од здравје и од убавина и во изборот повеќе ја засакав од светлината, зашто нејзиниот сјај никогаш не угаснува.
11И заедно со неа дојдоа при мене сите добра и големо богатство преку нејзините раце;
12јас им се радував на сите тие добра, зашто мудроста ме раководеше, но не знаев дека е таа нивна создателка.
13Без лукавство се нау; ив и без завист ја предавам; богатството нејзино не го кријам.
14Таа е неисцрпно сокровиште за луѓето; ползувајќи се од неа, тие влегуваат во близина со Бога преку даровите на учењето.
15Затоа нека ми даде Бог да говорам како што разбирам и да мислам достојно ѕа она што ми е дарувано, зашто Он е водачот на мудроста и управува со мудреците.
16Во Неговата рака сме и ние и нашите зборови, сето наше разбирање и вештината во работата.
17Он Самиот ви дава вистинско познавање за она што постои, за да го познаеме строежот на светот и дејството на стихиите.
18почетокот, крајот и средината на времињата, повратните смени и промената на времињата,
19годишните кругови и положбата на ѕвездите.
20Природата на животните и својствата на ѕверовите, стремежот на ветровите и на човечките мисли, одликите на растенијата и лековитоста на корените.
21Познав сѐ што е скриено и јавно, зашто ме научи мудроста, уметничката на сѐ.
22Таа е дух разумен, свет, еднороден, многустран, тенок, подвижен, светол, чист, јасен, неопасен, благороден, брз, незадржлив.
23добродетелен, човекољубив, тврд, непоколеблив, спокоен, безгрижен, кој гледа сѐ и проникнува во сите умни, чисти и најтенки духови.
24Зашто мудроста е поподвижна од секое движење и, поради својата чистота, поминува низ сѐ и во сѐ проникнува.
25Таа е здив на Божјата сила и чист одлив од славата на Седржателот: затоа ништо осквернето нема да влезе во неа.
26Таа е одраз на вечната светлина, огледало чисто на Божјото дејство, слика на Божјата добрина.
27Една е, а може сѐ, останувајќи во себеси, сѐ обновува и, минувајќи од род во род во светите души, таа ги подготвува Божјите пријатели и пророци;
28зашто Бог не го љуби никого, освен оној што се дружи со мудроста.
29Поубава е од сонцето и многу ѕвезди надминува; споредена со светлината, таа е погоре од неа;
30зашто светлината со ноќта се сменува, а злобата нема сила над мудроста.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.