Броеви 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Извидници во земјата Хананска. Кога се враќаат, го заплашуваат народот.

1Потоа народот тргна од Асирот и се размести во шатори, во пустињата Фаран.

2И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

3»Испрати од себе луѓе да ја разгледаат Хананската земја, која Јас им ја давам на синовите Израилеви во владение: по еден човек од секое племе според домовите нивни; испрати ги сите нивни старешини!«

4Тогаш Мојсеј ги испрати од пустињата Фаран, по заповед Господова, и тие сите беа мажи, старешини на синовите Израилеви.

5Еве ги имињата нивни: од Рувимовото племе – Самуил, Захуровиот син;

6од Симеоновото племе – Сафат, Суриевиот син;

7од Јудиното племе – Халев, Јефониевиот син;

8од Исахаровото племе – Игал, Јосифовиот син;

9од Ефремовото племе Авсис Навиновиот син;

10од Венијаминовото племе – Фалтиј, Рафувовиот син;

11од Завулоновото племе – Гудиил, Судиевиот син;

12од Јосифовото племе на синовите Манасиини – Гадиј, Сусиновиот син;

13од Дановото племе – Амиил, синот на Гамалин;

14од Асировото племе – Сатур, Михаиловиот син;

15од Нефталимовото племе – Навиј, Савиновиот син;

16од Гадовото племе – Гудиил, Махиловиот син.

17Тоа се имињата на мажите, што ги испрати Мојсеј да ја разгледаат земјата. И го нарече Мојсеј Осија, Навиновиот син, Исус.

18Ги испрати Мојсеј од пустињата Фаран, за да ја разгледаат Хананската земја и им рече: »Одете во онаа пустиња и качете се на гората,

19и погледајте ја земјата каква е, и народот, што живее таму: силен ли е или е слаб, малуброен ли е или е многуброен;

20и каква е земјата, каде што живее тој, добра ли е или лоша; и какви се градовите, во кои живее, – оградени ли се или не.

21Каква е земјата, плодна ли е или не, има ли на неа дрвја или нема? Поткрепете се, па земете од плодовите на земјата.« А тоа беше во пролет кога зреат јагодите.

22Тие отидоа и ја разгледаа земјата од пустињата Син дури до Роов, близу до Емат;

23и одејќи по пустињата, тие стигнаа до Хеврон, каде што живееја Ахиман, Сесиј, и Теламин, од родот на Енах; а Хеврон беше изграден седум години порано од египетскиот град Танин;

24и дојдоа до долината со лозја и ја разгледаа, и таму видоа прачка со еден грозд, ја пресекоа и обајцата ја понесоа на стап; зедоа и калинки и смокви;

25тие го нарекоа тоа место лозова долина поради гроздот што го пресекоа таму синовите Израилеви.

26И откако ја разгледаа земјата, се вратија по четириесет дена.

27И кога пристигнаа и дојдоа кај Мојсеја и Арона и кај целото општество на синовите Израилеви во пустињата Фаран, во Кадес, тие му донесоа таму и на целиот народ одговор, и им ги покажаа плодовите од онаа земја;

28и му раскажаа и рекоа: »Бевме во земјата, во која ни испрати; во земјата каде што тече мед и млеко, и еве ги плодовите нејзини;

29но народот, што живее во таа земја, е силен, и градовите се укрепени со големи огради; таму го видовме и родот Енахов.

30Амалик живее во јужниот дел на земјата, а Хетејците, Евејците, Јевусејците и Аморејците живеат по планината, Хананејците, пак, жиевеат крај морето и по брегот на Јордан.«

31Но Халев го успокојуваше народот пред Мојсеја, велејќи: »Да идеме и да ја преземеме, зашто можеме да ја завладееме!«

32А оние, што беа оделе заедно со него, рекоа: »Не можеме да одиме против тој народ, зашто е посилен од нас.«

33И протурија ужасни гласови меѓу синовите Израилеви за земјата, што ја беа разгледале и велеа: »Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е земја, која ги голта своите жители, и сите, што ги видовме на неа, се многу поголеми.

34И таму видовме исполини, од родот Енахов; ние изгледавме пред нив како скакулци, такви бевме и во нивните очи.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help