1А народот кога виде дека Мојсеј долго време не слегува од планината, се собра пред Арона, и му рече: »Стани и направи ни богови што ќе одат пред нас, зашто не знаеме што се случи со оној човек – со Мојсеја, кој ни изведе од земјата Египетска.«
2Арон им рече: »Извадете ги златните обетки од ушите на вашите жени и ќерките ваши, и донесете ми ги!«
3И сите ги извадија златните обетки, што им беа на ушите на жените нивни, и му ги донесоа на Арона.
4А тој, откако ги зеде од рацете нивни, ги растопи во калапи и од нив излеа теле. И рекоа: »Еве ги, Израиле, твоите богови, што те изведе од земјата Египетска.«
5А кога го виде тоа Арон, направи жртвеник спроти него, и изјави и рече: »Утре е празник на Господа.«
6Утредента, станувајќи рано, принесе жртви сепаленици и жртва за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, и потоа станаа да играат.
7И му рече Господ на Мојсеја: »Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата Египетска, појде по пат на беззаконие.
8Брзо се отклонија од патот, кој им го определи; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‚Ова се, Израиле, товите богови што те изведоа од земјата Египетска.‘
9И му рече Господ на Мојсеја: гледам дека оној народ е тврдоглав, но сега остави да се разгори гневот Мој против нив и да ги истребам;
10а од тебе ќе направам народ голем.«
11А Мојсеј, се помоли пред Господа Бога, и рече: »Зошто се разгорува, Господи, гневот Твој против народот Твој, кого го изведе од земјата Египетска со сила голема и рака цврста?
12Зошто Египтјаните да зборуваат и да речат: ‚За зло ги изведе, за да ги убие по планините и да ги истреби од земјата?‘ Нека се смири гневот Твој; и биди милостив поради злобата на народот Твој.
13Сети се на Авраама, Исака и Јакова, слугите Твои, на кои им рече, велејќи: ‚Ќе го умножам и преумножам потомството ваше колку множеството ѕвезди на небото, и сета оваа земја, за која си рекол дека ќе му ја дадеш на потомството ниво вечно да ја владеат.‘«
14И Господ се смилува и не му направи зло на народот Свој, како што беше ветил.
15Тогаш се врати Мојсеј, слегувајќи од планините; во рацете му беа двете плочи на сведоштвото, испишани од двете страни: и на едната страна и на другата страна беше напишано.
16Плочите беа дело Божјо, и писмото, писмо Божјо, врежано на плочите.
17А Исус, кога го чу гласот на народот што викаше, му рече на Мојсеја: »Борбен повик е во таборот.«
18Но тој одговори: »Не е тоа вик на победници, ниту, пак, пискот на победени; туку слушам глас на пијани од вино.«
19А кога приближи до таборот и го виде телето и игрите, и се разгневи Мојсеј: па ги фрли од рацете свои обете плочи, и ги скрши во подножјето на планината.
20Потоа го зеде телето, што го беа направиле, и го изгори во оган и го претвори во прав, а правта ја истури во водата, и им даде од неа да пијат синовите Израилеви.
21И му рече Мојсеј на Арона: »Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?«
22А Арон му рече на Мојсеја: »Не гневи се, господару мој; ти знаеш за што е склон овој народ.
23Тие ми рекоа: ‚Направи ни бог што ќе оди пред нас; Мојсеј е човекот што ни изведе од Египет, но не знаеме што стана со него, со оној кој ни изведе од земјата Египетска.‘
24А јас им реков: ‚Кој има злато, нека го извади од себе.‘ И го извадија и го донесоа, а јас го фрлив во оган, и го излеав ова теле.«
25Кога виде Мојсеј дека тој народ станал необуздан – бидејќи Арон беше допуштил да падне во распојасаност за радост на непријателите свои,
26застана Мојсеј на вратата од таборот, и рече: »Кој е Господов, нека дојде при мене!« И се собраа кај него сите синови Левиеви.
27И тој им рече: »Еве што вели Господ, Бог Израилев: опашете го секој својот меч на бедрото свое, и појдете по таборот, па навратете од врата до врата, и секој нека го убие братот свој, ближниот свој и соседот свој.«
28И постапија синовите Левиеви според заповедта Мојсеева: и во тој ден изгина народ до три илјади души.
29И Мојсеј им рече: »Денес Му ги посветивте рацете свои на Господа за служба: кој на синот свој, кој на братот свој, за да ви даде денес благослов.«
30А утредента му рече Мојсеј на народот: »Направивте голем грев; и сега ќе појдам горе при Бога, за да молам да ви се прости вашиот грев.«
31И се врати Мојсеј при Господа, и рече: »Ти се молам, Господи, овој народ направи голем грев, оти си направи бог од злато.
32И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал.«
33А Господ му рече на Мојсеја: »Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја.
34Но сега оди, слези и поведи го тој народ во местото, каде што ти реков. Еве, Мојот Ангел ќе оди пред тебе, а кога ќе ги посетам, на нив ќе го навртам гревот нивен.«
35И го порази Господ народот, затоа што направеното теле го излеал Арон.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.