Мудрост Сирахова 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Надевај се само во Бога.

1Мудроста на смирениот ја издигнува неговата глава и ќе го постави сред достоинственици.

2Не фали го човека поради неговата убавина; а и поради неговиот изглед не презирај го.

3Мала е пчелата меѓу крилестите суштества, но таа дава сладост најслатка.

4Не фали се со твојата скапоцена облека и не гордеј се во денот на твојата слава; прекрасни се Божјите дела, иако се сокриени од луѓето.

5Многу владетели имало на земјата; многумина непознати добиле круна.

6Многумина силни биле понижени и славни луѓе паѓале под туѓа власт.

7Додека не испиташ – не обвинувај, прво провери, па потоа укорувај.

8Не одговарај пред да ислушаш, сред разговор не мешај се.

9Не препирај се за работи што не те засегаат; во расправии меѓу грешници не мешај се.

10Синко, не зафајќа се со многу работи; при многу работи нема да останеш без вина. Колку и да брзаш, сѐ нема да постигнеш и со бегање – нема да се спасиш.

11Некој се труди, се измачува и брза, а сѐ повеќе изостанува.

12Некој е слаб, потреба има од помош; сили нема и со неволји е затрупан,

13но Господ со милост го гледа за неговото добро, го подига од неговата понизност, ја подигнува неговата глава, поради што многумина му се восхитуваат.

14Доброто и лошото, животот и смртта, сиромаштијата и богатството – сѐ доаѓа од Господа.

15Господовиот дар е за побожните; Божјата милост вечно ќе им помага.

16Некој се збогатува со грижи и штедење; тоа е дел од неговата награда.

17Некогаш тој ќе рече: »Најдов мир и сега ќе му се радувам на моето богатство;«

18но тој не знае колку време тоа ќе продолжува; ќе дојде денот кога сето тоа на други ќе го остави и ќе умре.

19Остани тврд во заветот твој и живеј во него; во својата работа дочекај старост.

20На делата од грешникот не чуди се, верувај во Господа, истраен биди во твојата работа;

21лесно Му е на Господа бргу и ненадејно да го збогати сиромавиот.

22Благословот од Господа – награда е за побожниот; со благословот Негов брзо успева тој.

23Не вели; »Што уште ми треба? И какви богатства од сега можам да очекувам?«

24Не вели: »Сѐ имам доволно, па какво ли зло по ова може да ме снајде?«

25Во време на добро злото се заборава; во време на зло за добро не се зборува.

26Лесно Му е на Господа во смртниот час да го награди човекот според делата негови.

27И најмалото страдање ги потиснува насладите; во смртниот час се откриваат делата на човекот.

28Додека е жив – за никого не вели дека е блажен; по децата свои се познава човекот.

29Не примај секого во домот свој; на лукавиот разновидни се примките.

30На горделивиот срцето е како еребица во кафез; како шпион го следи твоето паѓање;

31го извртува доброто во зло; и на добрите им го оцрнува лицето.

32Од една искра станува огниште полно со жар, а грешникот мисли да пролее крв.

33Пази се од злосторник, зашто тој зло замислува; да не те посрамоти засекогаш.

34Примиш ли туѓинец во домот свој – неволји ќе ти донесе: на твоите домашни туѓинец ќе те направи.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help