Второзаконие 32 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Песната Мојсеева. Бог го приготвува за смрт.

1»Внимавај, небо, јас ќе говорам; и нека ги слуша и земјата зборовите од устата моја.

2Да се разлее како дожд заветот мој, како роса да паднат зборовите мои, како пороен дожд на троскот и како слана на сено.

3Името Господово ќе го призовувам; воздајте Му слава на нашиот Бог!

4Он е тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема (во Него); Он е праведен и вистинит;

5но тие станаа и згрешија пред Него, тоа не се Негови деца поради пороците свои; род дрзок и развратен.

6Тоа ли Му го воздавате на Господа, народе глупав и безумен? Нели е Он твој Отец, Кој те создаде, те усвои и те издигна?

7Сети се на старите денови, помисли за годините на поранешните поколенија; прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат.

8Кога Севишниот го разделуваше наследството на народите и ги расејуваше синовите Адамови, тогаш стави граници меѓу народите според бројот на ангелите Божји,

9зашто делот на Господа е Неговиот народ; Јаков е наследството Негово.

10Он го најде во пустиња, во земја везводна, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеница на окото свое;

11како што орелот го покрива гнездото свое, и сакајќи ги орлињата, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на педувите свои,

12така Господ Сам ги водеше нив, и немаше со Него туѓ бог.

13Он ги искачи на земната височина, ги заситуваше со полски жита и ги хранеше со мед од камен и елеј од тврда карпа;

14со кравјо масло и овчо млеко, и со лој од јагнињата, од овците, од јунците, и од козлите, со најдобро жито, и тие пиеја вино, крв од грозје.

15И јадеше Јаков и се насити, но се одврати од таа љубов, и откако се прошири, Го остави Бога, Кој го создаде, и отстапи од Бога, Спасителот свој.

16Со туѓи богови Ме раздразнија и со одвратности свои Ме загорчија:

17им принесуваа жртва на бесовите, а не на Бога; на боговите, што не ги познаваа, на боговите нови и непознати, кои татковците нивни не ги виделе.

18А хранителот, кој те родил, ти Го остави, и Бога, Кој те создал, Го заборави.

19И Господ виде, па се налути и се раздразни поради гревот на синовите Свои и ќерките Свои,

20и рече: ‚Ќе го свртам лицето Свое од нив и ќе им го покажам крајот нивни: бидејќи тие се развратен род, синови, во кои нема вера;

21тие Ме раздразнија со она што не е Бог туку со своите Идоли Ме наскрбија: и Јас ќе ги раздразнам со она што не е народ, туку со народ неразбран ќе ги наскрбам;

22зашто оган се разгори од јароста Моја; тој нагорува сѐ до пеколот вечен, ја јаде земјата и житата нејзини, ги изгорува основите на планините;

23ќе нафрлам врз нив зла и ќе ги вперам против нив стрелите Мои:

24тие ќе се истоштуваат од глад, ќе ги јадат птици и неизлечиви болести, и ќе испратам против нив ѕверски заби и отров од земни влекачи;

25од оваа страна ќе ги погубува меч, а во домовите нивни – ужас, поразувајќи младич и девојка и дете доенче и побелен старец.

26Јас бев рекол: ќе ги расеам и ќе го избришам споменот нивни меѓу луѓето;

27но го одложив тоа поради озлобеноста на непријателите, за да не живеат долго, се возгордеат, па да речат: »нашата рака е висока, и не го направи сево ова Господ.«‘

28Зашто тие се народ, што го изгубил расудувањето и нема разум.

29О, да беа расудувале, помислиле на годините што идат, и да беа разбрале што ќе стане со нив!

30Како би можел еден да гони илјади и двајца десет илјади, ако нивниот Бог не би ги предал, и Господ не би ги дал!

31Зашто нивните богови не се како нашиот Бог, нашите непријатели се неразумни.

32Зашто лозјето им е од содомска лоза, а прачките од Гомор; грозјето им е отровно грозје, гроздовите им се горчливи;

33виното им е змијски отров и смртоносен аспиден отров.

34Не е ли сето тоа сокриено во Мене? Не е ли запечатено во Моите сокровишта?

35Ќе објавам ден за одмазда, и тоа во она време кога ќе им се соблазни ногата нивна, зашто денот на загинувањето нивно е блиску, брзо ќе настапи подготвеното за нив.

36Но Господ ќе му суди на Својот народ, и ќе се смили над робовите Свои, кога ќе ги види ослабени, истоштени и изнемоштени.

37И ќе рече тогаш Господ: ‚Каде се боговите нивни, на кои се надеваа?

38Лој од жртвите нивни јадевте и вино од преливите за нив пиевте, камо да воскреснат, па да ви помогнат и да ви бидат покровители?

39И ете, видете сега дека тоа сум Јас; Јас сум и нема Бог, освен Мене: Јас уништувам и оживувам, Јас ранувам и Јас лекувам, и нема кој може да земе од раката Моја.

40Ќе ја кренам кон небото раката Моја и се колнам во десницата Моја и велам: – жив сум довека!

41Кога ќе го наострам Мојот блескав меч, и раката Моја го прими судот, ќе им се одмаздам на непријателите Мои и ќе им платам на оние што Ме мразат;

42ќе ги напојам стрелите Свои со крв, и мечот Мој ќе се насити со месо, со крвта од убиените и заробените, од главите на непријателските кнезови.‘

43Веселете се, небеса, заедно со Него, и поклонете Му се, сите ангели Божји. Веселете се, незнабошци, со Неговиот народ и нека се закрепнат сите синови Божји! Зашто Он ќе се одмазди за крвта на синовите Свои, ќе им се одмазди на непријателите Свои, и ќе им плати на оние, што Го мразат, и ќе ја очисти Господ замјата Своја и народот Свој!«

44И во тој ден ја напиша Мојсеј таа песна и ги научи синовите Израилеви на неа. И се приближи Мојсеј до народот и ги кажа гласно сите зборови од овој закон пред народот, тој и Исус Навин.

45Откако Мојсеј ги кажа сите тие зборови пред целиот Израил,

46им рече: »Внесете ги во срцето сите зборови, што ви ги кажав денес, и заповедајте им на децата ваши, да ги пазат и да ги исполнуваат сите зборови од овој закон;

47зашто тие не се за вас празни зборови, туку ваш живот, и преку нив ќе живеете долго време на земјата, за која одите преку Јордан да ја наследите.«

48И во истиот тој ден му зборуваше Господ на Мојсеја и му рече:

49»Искачи се на планината Аварим, тоа е планината Нево, во Моавската земја, спроти Јерихон, и погледни ја Хананската земја, што им ја давам на синовите Израилеви во владение;

50и умри на планината, на која ќе се искачиш и прибери се при народот свој, како што умре братот твој Арон, на планината Ор, и се прибра при народот свој,

51затоа што не ги послушавте заповедите Мои пред синовите Израилеви кај водите во Кадис, во пустињата Син, зашто не ја почитавте светоста Моја меѓу синовите Израилеви;

52ти само ќе ја видиш земјата, но нема да влезеш таму, – во земјата, што им ја давам на синовите Израилеви.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help