2 Царства 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давидовата благодарствена песна поради спасение од непријателите свои.

1И Давид испеа песна за Господа во денот, кога Господ го спаси од раката на сите непријатели негови и од раката на Саула, велејќи:

2»Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител.

3Мојот Бог е моја карпа; на Него се надевам; мој штит, рог на моето спасение, моја заштита и мое прибежиште; Спасителе мој, Ти ме спаси од непријатели.

4Ќе го призовам сефалениот Господ и од непријателите мои ќе се спасам.

5Бранови на смртта ме прегрнаа, и потоци од беззаконија ме исплашија;

6веригите на пеколот ме обвиткаа, и стапици на смртта ме обмотаа.

7Но во притеснувањето свое го призвав Господа и повикав кон мојот Бог, и Он го чу од Својот свет дворец гласот мој, и повикот мој стигна до ушите Негови.

8Се затресе, се разниша земјата, затреперија и се поместија основите небески, зашто се разгневи Господ на нив.

9Се крена дим од гневот Негов, и уривачки оган од устата Негова; жив јаглен се сипеше од Него.

10Он ги наведна небесата и слезе; и мрак беше под нозете Негови;

11седна на херувимите, летна и се понесе на ветрови крила;

12и со мрак се покри како со шатор, згуснувајќи ги водите на облаците небески;

13од болскотот пред Него се усвитуваа огнени јаглени.

14Загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас;

15пушти стрели свои и ги распрсна; болсна со секавица и ги истреби.

16Се открија изворите морски, се покажаа основите на вселената од страшниот глас на Господа, од дувањето на духот на Неговиот гнев.

17Он подаде рака од височините, ме фати и ме извлече од големите води;

18Ме спаси од силниот непријател мој, од оние, што ме мразеа, што беа посилни од мене.

19Тие станаа против мене во денот на мојата неволја; но Господ ми беше потслон,

20и ме изведе на широко место, ме спаси, зашто Он благоволи кон мене.

21Ми воздаде Господ според мојата правда, ме награди според чистотата на рацете мои.

22Зашто јас ги пазев патиштата Господови и не бев нечестив пред мојот Бог,

23бидејќи сите заповеди Негови се пред мене, и од заповедите Негови не отстапував,

24бев непорочен пред Него и внимавав да не згрешам.

25И Господ ми воздаде според мојата правда, според чистотата моја пред Неговите очи.

26Со милостивиот Ти постапуваш милостиво, со искрениот маж, – искрено,

27со чистиот – чисто, а со лукавиот – според лукавството негово.

28Ти ги спасуваш угнетените и со погледот Свој ги уништуваш горделивите.

29Ти си Господ, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина.

30Со Тебе победувам војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид.

31Бог! непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Он е штит за сите, што се надеваат на Него,

32зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е сила, освен нашиот Бог?

33Бог ме препаша со сила, ми подготвува чист пат.

34Ми ги прави нозете како на елен, и ме поставува на висини;

35ги учи рацете мои на борба, и ги напрегнува мускулите мои како бакарен лак.

36Ти ми го даваш штитот на Твоето спасение, и Твојата милост ме возвеличува.

37Ти ги зголемуваш чекорите мои под мене, и моите нозе не се нишаат.

38Јас ги гонам непријателите мои и ги истребувам, и не се враќам додека не ги уништам;

39ги истребувам и ги поразувам, и тие не стануваат, а паѓаат под нозете мои.

40Ти ме препашуваш со сила за бој и ги кутнуваш пред мене оние што станале против мене;

41Ти го свртуваш кон мене грбот на моите непријатели, и јас ги истребувам оние, што ме мразат.

42Тие викаат, но нема кој да ги спаси, – кон Господа, но Он не ги слуша.

43Ги тријам како прав земен, како улична кал ги размачкувам и ги газам.

44Ти ме спаси од побуната на мојот народ; Ти ме зачува, за да бидам глава над другородците; народ, што не го познавав, ми слугува.

45Другородците ми ласкаат; штом ќе чујат за мене, ми се покоруваат.

46Другородците бледнеат и треперат во своите тврдини.

47Жив е Господ и благословен е мојот заштитник! Нека се превознесува Бог, прибежиштето на моето спасение,

48Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите

49и Кој ме спасува од непријателите мои! Над оние, што стануваа против мене, Ти ме воздигна; Ти ме избави од жестокиот човек.

50Затоа ќе Те прославувам Тебе, Господи, меѓу незнабошците и ќе го воспевам името Твое. –

51Тебе, Кој славно го спасуваш Својот цар и му правиш милост на помазаникот Свој Давида и на потомството негово засекогаш.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help