1Хирам, тирски цар, ги испрати слугите свои при Соломона, откако чу, дека го помазале за цар место татка му, зашто Хирам беше Давидов пријател во текот на целиот негов живот.
2А и Соломон испрати да му кажат на Хирама:
3»Ти знаеш, дека татко ми Давид не можеше да изгради дом на името Господово, својот Бог, поради војните со околните народи, додека Господ не го покори под нозете негови;
4но сега Господ, мојот Бог, ми даде спокојство од сите страни: нема противник и нема веќе стапици.
5И, ете, јас имам намера да изградам дом на името Господово, мојот Бог, како што му беше рекол Господ на татка ми Давида, велејќи: ‚Твојот син, кого што ќе го поставам на твојот престол место тебе, ќе изгради дом на Моето име.‘
6Затоа, заповедај да ми насечат кедрово дрво од Ливан; и ете, моите слуги ќе бидат заедно со твоите слуги, како ти што ќе определиш, зашто знаеш, дека кај нас нема луѓе, кои умеат да сечат дрва така, како Сидонците.«
7Кога Хирам ги чу зборовите од Соломона, многу се зарадува и рече: »Благословен нека е денес Господ, Кој му даде на Давида мудар син, за да управува со тој многуброен народ!«
8И Хирам испрати при Соломона да кажат: »Го ислушав тоа, за кое беше си испратил до мене; ќе ја исполнам твојата желба за кедровото дрво и кипарисовото:
9слугите мои ќе ги довлечкаат од Ливан до морето, и на сплавови ќе ги дотераат по море до местото, што ќе ми го определиш; таму ќе ги растоварам, и ти ќе ги земеш; но и ти исполни ја желбата моја, да доставуваш храна за мојот дом.«
10И Хирам му даваше на Соломона кедрово дрво и кипарисово дрво, според желбата негова.
11А Соломон му даваше на Хирама дваесет илјади кори пченица за исхрана на неговиот дом и дваесет кори цедено маслиново масло, – толку Соломон му даваше на Хирама секоја година.
12Господ му даде на Соломона мудрост, како што му беше ветил. И меѓу Хирама и Соломона имаше мир, а склучија и сојуз меѓу себе.
13Цар Соломон наложи обврска врз сиот Израил; а обврската се состоеше од триесет илјади луѓе.
14Тој ги испраќаше во Ливан, по десет илјади на месец, на смени; еден месец престојуваа во Ливан, а два месеци – по домовите свои. Адонирам, пак, беше нивни управник.
15Соломон имаше уште седумдесет илјади пренесувачи на товари, и осумдесет илјади каменоделци во планините,
16надвор од трите илјади и триста настојници, што Соломон ги беше поставил над работата, да го надгледуваат народот, што ги извршуваше работите.
17И царот заповеда да донесуваат големи камења за основата на домот, камења делкани.
18Ги делкаа, пак, Соломонови работници и Хирамови работници и Гевалци, и подготвуваа дрвја и камења за градење на домот три години.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.