1Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови, а особено да пророкувате.
2Оти оној, кој зборува на јазик непознат, тој не им зборува на луѓе, туку на Бога; бидејќи никој не го разбира, а со Духот кажува тајни;
3кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за поука, утеха и утврдување.
4Кој зборува на непознат јазик, тој се поучува сам; а кој пророкува, тој ја поучува Црквата.
5Но јас би сакал сите вие да зборувате на разни јазици, а уште повеќе да пророкувате: оти, кој пророкува, е поголем од оној, кој зборува јазици – освен ако и ги толкува, та Црквата да добие поука.
6А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене, кога не ви се објаснува било со откровение, било со познавање, било со пророкување, било со поука?
7И бездушните предмети, како свирката или гуслата, што даваат глас, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што се свири или гуди?
8Оти, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за битка?
9Така и вие, ако со јазикот свој не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе зборувате во ветар.
10Во светот има кој знае колку разни зборови, и ниеден од нив не е без значење.
11Ако, пак, не го разбирам значењето на тие гласови, тогаш за оној што зборува ќе бидам странец, а и тој за мене туѓинец.
12Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги добиете во изобилност, за поука на Црквата.
13Затоа, оној што зборува на стран јазик, нека се моли за дар да може да го толкува.
14Оти, ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој останува бесплоден.
15Па што да се прави? Ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го фалам Бога со дух, ќе Му пеам и со ум.
16Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече »амин« на твојата благодарност простиот човек, кога не разбира што велиш?
17Ти благодариш добро, но другиот не се поучува.
18Му благодарам на Мојот Бог, оти од сите вас зборувам повеќе јазици;
19но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик.
20Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете младенци, а по умот зрели.
21Во Законот е напишано: »На туѓи јазици и со туѓа уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да ме послуша, вели Господ.«
22Затоа јазиците се знак не за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророштвата, пак, не за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат.
23Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе?
24Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или неверник, него сите ќе го изобличат и сите ќе го осудат,
25така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој, откако падне на колена, ќе Му се поклони на Бога и ќе рече: »Навистина, со вас е Бог«.
26Па што, браќа? Кога ќе се собирате, и секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сѐ да се врши за поука.
27Ако некои зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат по двајца, или најмногу тројца, и тоа по ред, а еден да толкува.
28Ако пак, нема толкувач, тогаш в црква да молчат, а нека си зборуваат во себеси и на Бога.
29Пророците, пак, да зборуваат по двајца и тројца, а другите да расудуваат.
30Но, ако некому што седи му дојде откровение, тогаш првиот нека замолчи.
31И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да се поучувате и сите да се утешувате.
32И пророчките духови им се покоруваат на пророците;
33оти Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Така е по сите цркви меѓу светиите.
34Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е позволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели и Законот.
35Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува.
36Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна?
37Ако некој мисли дека е пророк или исполнет со дух, нека разбере дека ова што ви го пишувам се Господови заповеди.
38А кој не разбира, нека не разбира.
39И така, браќа, грижете се да пророкувате, но не забранувајте да се зборува и на разни јазици.
40Сѐ да се врши како прилега и уредно.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.